Мадридски Реал во последниот неделен натправар до 14-то коло на шпанската Примера со 3:1 на негов терен го победи Еибар, пробивајќи се на второто место на табелата.
Реал поведе уште во 6 минута со голот на Карим Бензема, а веќе во 13 минута Лука Модриќ со удар од работ на шеснаесетникот зголеми на 2:0. Во 28 минута домашниот напаѓач Кике со прекрасен удар во самиот горен агол го намали водството, но во судиското продолжение на натпреварот Лукас Васкез ги згасна сите надежи на Еибар за израмнување, а Бензема беше најдобар играч на мечот со погодок и две асистенции.
Со победата Реал дојде до второто место на табелата со 29 бодови, колку што има и водечкиот градски ривал Атлетико, но кој има и два натпревара помалку. Еибар е 14-и со 15 бодови.
Сите три претходно одиграни натпревара во неделата завршија со идентичен резултат од 2:0.
Во првиот Селата во Виго со головите на Браис Мендес во 19 и 79 минута го совладата Алавес. Селата сега е 8-ма со 19 бодови, а Алавес е 17-ти со 14 бодови.
Домашна победа оствари и Гранада над Реал Бетис, а и на овој меч за победникот имаше двоен стрелец, Солдадо кој погоди во 14 минута од пенал и во 20 минута. Гранада со новите три бода е високопласирана 6-та со 21 бод од 13 кола, а Бетис е 12-ти со 16 бодови.
Хетафе со головите на Кучо Ернандез во 33 и на Немања Максимовиќ во четвртата минута од судиското продолжение на мечот го изненади домашниот Кадиз. Хетафе го поправи својот пласман на табелата на 11-то место со 16 бодови, а Кадиз припушти можност да се пробие кон местата кои водат до пласман во квалификациите за европските купови и падна на 9-то место со 18 бодови.