
Возрасната жена којашто денеска во Гостивар околу 13,30 часот беше прегазена од автомобил се движела на одбележан пешачки премин, а повредите со кои се здобила во несреќата биле смртоносни, извести попладнево Основното јавно обвинителство.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи врши увид на лице место каде денес околу 13.30 часот се случи сообраќајна несреќа.
„Според првичните сознанија товарно моторно возило удрило во жена на возраст од 65 години, која поминувала на пешачки премин. При тоа на сега починатата и се причинети повреди кои имале смртна последица. Јавниот обвинител нареди обезбедување и прибирање на траги од лице место. Наредено е и вршење на сообраќајно техничко вештачење и обдукција на починатото лице. Воедно побарани и обезбедени се видео записи од околните камери“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Возачот се наоѓа во полициска станица и се преземаат дејствија за утврдување на фактите во предметот.