Во време на енергетска криза, проследена со инфлација, кога граѓаните бараат алтернатива за затоплување на домовите за претстојниот зимски период, цената на дрвото за огрев кај приватниците достигна над 5.000 денари за кубен метар. Немајќи механизам во државава за сразмерно покачување на цената, како и за речиси сите други производи. Приватниците кои работат со сеча на дрва, ја „искористија“ ситуацијата и вештачки ги „напумпаа“ цените на дрвото за огрев. Владата алармирана за проблемот, презема мерки, но се поставува прашањето дали се соодветни.
Од една страна апели од Влада за штедење на електрична енергија, од друга страна апели од Министерството за животна средина и просторно планирање „да не се гори што било“ за да не се загадува воздухот, од трета страна нереални цени на дрвото за огрев. Како и во секоја сфера, така и за оваа, на крајот на денот повторно страдаат граѓаните.
Толкава разлика во цената, меѓу понудата од ЈП „Национални шуми“ и онаа на приватниците, не е забележната во текот на изминатите години. Според информациите од граѓаните кои претходните години набавувале дрва од приватници, разликата во цената кај ЈП „Национални шуми“ и приватниците била најмногу 500 денари по кубен метар, што е поприфатливо, но за жал оваа сезона, што е преставена како „најтешката зима, по Втората светска војна“, тоа не е случај.
ЈП „Национални шуми“ нема капацитет да ја задоволи побарувачката за дрва за огрев, а приватниците кои работат со сеча на дрва, дополнително ја „искористија“ ситуацијата, создавајќи вештачка паника за недостиг на дрва и граѓаните ја платија цената.
Штетата за оваа сезона е направена бидејќи речиси 80 проценти од домаќинствата кои користат дрва за огрев, имаат набавено, но она што е важно, со оглед на проекциите за наредната година, кога се очекува продолжување на енергетската криза и инфлација, треба да има навремена реакција за да не се повтори овој случај.
Владата, на седницата што се одржа во средата, на предлог на Министерството за економија, донесе Одлука за определување највисоки цени на огревно дрво од даб и од бука, како и на пелети за огрев.
Највисоките цени на огревното дрво од даб и бука се утврдени во висина до 4.500 денари за просторен метар, односно до 6.429 денари за кубен метар, што претставува уште повисока цена од онаа што ја нудеа приватниците.
Владата донесе Одлука и за престанување на важноста на одлуката за посебни услови во трговијата на мало, со која беше замрзната маржата на огревно дрво од даб и од бука и пелети за огрев за сите трговци во висина најмногу до 10 отсто.
За ситуацијата разговаравме со директорот на ЈП „Национални шуми“, Валентин Груевски, кој истакна дека Претпријатието не е во можност да ја задоволи побарувачката за дрва за огрев и оти се соочуваат со недостиг на кадар, што веројатно во текот на следните години и ќе се зголеми.
Тој информираше дека од крајот на август во ЈП „Национали шуми“ е зголемена цената на дрвата, на огревното дрво и на техничкото дрво за 20 проценти од она што беше претходно. Истакна дека цената на огревното дрво не била покачена 13 години, од 2009 година.
– Моментално на нашите складови цената на просторен метар е 3000 денари плус ДДВ. Тоа е цена утврдена со одлука на управниот одбор и дозволена од Влада. Она што приватниците го купуваат од кај нас, најчесто го купуваат од склад или го купуваат од шумско-камионски пат кадешто цената е поевтина, бидејќи се работи за дрва кои ги купуваат од шума. Тоа е нормално бидејќи треба да однесат луѓе кои треба да товарат, се работи за големи растојанија, голем пат, и да го донесат до крајните потрошувачи. Цената приватнците ја формираат сами плус она што го донесе Владата – 10 отсто маржа во однос на нивните трошоци, наведе Груевски, за МИА.
Тој посочи дека, според информациите кои ги има, цената на дрвата за огрев во Скопје достигнала до 5.000 денари за кубен метар, а во помалите градови до 4.500 денари. Рече дека како ЈП им излегле во пресрет на здруженијата на пензионери кои оваа година ќе се снабдат со дрва по стара цена.
Директорот на ЈП „Национални шуми“ смета повисоката цена на огревното дрво во Скопје се должи на транспортот.
– Скопје е голем град, има голема побарувачка, а соодветна шума за задоволување, блиску нема. Во помалите градови како Демир Хисар, како Радовиш, еве и Битола, Ресен се работи за пониски цени бидејќи е помал транспортот и помала е далечината, рече Греуевски.
Тој оцени дека е направена непотребна паника дека ќе има недостиг на дрва.
– Мислам дека се направи непотребна паника и непотребна нервоза дека дрва ќе нема. Вкупно можам да ви кажам дека оваа година ние ќе имаме повеќе количина на дрва отколку што сме имале минатата година. Тие потреби се тука негде кои во моментов и како Национални шуми заедно со приватицните или операторите кои работат од кај нас можеме да ги произведеме или да ги исечеме. Значи тоа е количеството на дрва и малку се направи непотребна паника дека ќе нема дрва, иако ние континуирано работевме и количината на дрва, според податоците кои ги имаме и во јули и во јуни и во мај по производство е иста количина на дрва, дури и оваа година имаме околу 20.000 кубни мтри поголемо производство на огревно дрво според она што досега го имаме како официјални податоци, потенцираше Груевски.
Тој оцени дека за во иднина единствена мерка која што би можела да се преземе е да се регулира маржата или дрвото да се стави на регулиран пазар.
– Единствената регулатива што можеби би постоела е тоа да се ограничи маржата или, пак, дрвото би дошло на некаков регулиран пазар, како енергенс, и би добивало цена како нафтата и другите енергенси, како струјата. Се додека е вака и кога сте го ставиле на слободен пазар мислам дека цената ќе зависи од понудата и побарувачката, рече директорот на ЈП „Национални шуми“.
Груевски нагласи дек вештачката паника којашто беше создадена и кај населението и кај дел од медиумите, дека ќе нема дрва, си го направила своето и цената порасна многу високо.
– Се создаде непотребна паника, еве доаѓа крајот на годината се сведуваат бројките. Нашето производство ќе биде поголемо отколку минатата година. Ќе имаме 20.000 кубни метри плус огревно дрво. Дрво ќе има доволно, меѓутоа цехот го платија најмногу граѓаните, со зголемената цена, истакна тој.
Директорот на ЈП „Национални шуми“ нагласи дека мора да се имаат предвид и зголемените трошоци, за транспорт и за работна сила, што го оптоварува процесот за добивање дрва.
Осврнувајќи се на работата на ЈП „Национални шуми“, Груевски истакна дека граѓаните мора да разберат дека Претпријатието нема можности да ги снабди сите кои имаат потреба за дрва.
– Тоа би било најдобро да е така, меѓутоа во моментов ние таква можност немаме, не би навлегувал во причините зошто се довело во таа состојба, меѓутоа во моментов е така, изјави директорот.
Тој информираше дека оние кои се снабдуваат со дрва преку ЈП „Национални шуми“ уште во февруари или март плаќаат за да им стигнат дрвата пред зимската сезона.
– Мора да се разбере дека кога ќе платите дрва во февруари, во март не можете да добиете дрва веднаш затоа што е невозможно тогаш да се сече и со текот на времето ги добиваат дрвата. Она што е најголемиот проблем и можеби ќе ни се јавува како проблем во наредните години е недостиг на работа сила. Се помалку има луѓе кои сакаат да работат во шума, кои знаат да сечат шума, кои знаат да вршат дотур и да ги носат. Тоа е еден од поголемите проблеми и според она што ние го гледаме можеби во текот на годините се повеќе би се продлабочувало, бидејќи има се помалку таква работа сега. Истиот проблем го имаат и приватниците и кај нив се јавува голем проблем. Ние имаме цели реони каде што сме ја дале шумата на тендер за сечење, меѓутоа и самите приватници не можат да најдат доволно луѓе и соодветно брзо да ја исечат шумата и да ја донесат онаму каде што им е обврска, дали се работи за техничко дрво, дали се работи за огревно дрво. Значи проблемот со работна сила не е само во „Национални шуми“, туку е на ниво на цела држава, потенцираше Груевски.
Пандемијата со корона-вирусот, руската инвазија во Украина, енергатската криза, предизвикаа огромни последици по економијата, како во другите европски земји, така и кај нас. Јавноста постојано реагира дека со цените на речиси сите производи се врши класично „воено профитерство“, така што она што се очекува се итни, навремени и соодветни мерки од страна на државата со цел што поскоро да се ублажи ситуацијата.