Не два, туку три денари по литар гориво сакаат Зоран Заев и Нина Ангеловска дополнително да им земат на граѓаните за да ги финансираат партиските вработувања и луксузите од кои не се откажуваат, истакнуваат во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека Заев и СДСМ не ги интересира дали и колку ќе скокнат цените на прехрамбените продукти по покачувањето на висината на акцизата.
„Граѓаните гледаат дека владата на СДСМ не може и не знае да се справи со ситуацијата во која се наоѓа Република Македонија поради корона вирусот. Единствено нешто за кое се тие способни е да профитираат од парите на граѓаните. Без никаков срам во оваа тешка ситуација СДСМ успеаја за само четири дена да потрошат 8 милиони денари за репрезентации, услуги во ресторани и патувања“, тврдат од оваа партија, потсетувајќи дека граѓаните не забораваат дека оваа влада не понуди мерки кои ќе бидат за нивно добро.
„Мерките кои што ги презентираа за стопанството се несериозни, задоцнети и не се доволни. Тие не значат никаква помош. Напротив, само продлабочување на тешката ситуација во која се наоѓа Република Македонија“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:
„Наместо да понудат пари за стопанството кое се наоѓа во многу тешка ситуација, СДСМ одлучи да го награди рекетарското СЈО и сите роднини на партиските функционери кои таму работат и молчеа за криминалите на Јанева и нејзините соработнички. Граѓаните се исплашени за себе и за животната егзистенција на своите семејства. СДСМ докажува дека единствено се грижат за своите џебови, но не и за иднината на граѓаните. СДСМ мора да ја напушти суетата и да ги прифати конструктивните предлози на ВМРО ДПМНЕ за да помогне на бизнисот, државата и граѓаните“.