Во средата, Вишиот суд во Белград ја продолжи правната постапка што ја покренаа родителите на учениците убиени во училиштето „Владислав Рибникар“ против таткото и мајката на 13-годишникот кој го изврши масакрот со истрели од пиштолите на неговиот татко.
Паралелно со граѓанската постапка, во која повеќе родители бараат надомест на нематеријална штета за душевната болка што ја претрпеле поради смрт на блиско лице, кривична постапка се води и против таткото и мајката, но таа е затворена за медиуми и јавноста.
Обвинителството го товари таткото на момчето за тешко кривично дело против безбедноста, бидејќи постои сомнение дека го носел својот син несоодветен за неговата возраст на стрелиште и го обучувал да ракува со огнено оружје и дека не го чувал оружјето во согласност со законската обврска, бидејќи момчето извршило масовно убиство со пиштолот на татко му.
Мајката на момчето се товари за кривично дело недозволено држење и носење оружје, откако нејзини ДНК траги се откриени на чаури пронајдени во една од училницата каде што нејзиното дете ги убивало своите соученици.
Денеска, таткото на една од жртвите пред судскиот совет во посебна граѓанска постапка изјави дека тој и неговото семејство се преселиле од Франција во Србија во 2020 година затоа што сакале повеќе да се посветат на своите деца, бидејќи покрај девојчето кое е убиено, имаат и две помали деца.
За семејството Дукиќ, како што рече, „светот застанал“ на 3-ти мај, а до нивната убиена ќерка бил пронајден мобилен телефон со куршум низ него, поради што мисли дека се обидела да се јави.
„Секој ден одиме на гробишта да ја бакнеме и да ѝ се извиниме“, наведе таткото додаајќи дека се чувствува виновен што се преселиле во Србија. Истакна дека неговите помали деца се соочени со товарот што треба да го носат бидејќи нивната сестра била убиена на училиште.
Смета дека масакрот во училиштето бил „пропуст на родителите“ и не му е јасно како е можно момченцето да решило да одземе толку животи за само две минути, пренесе агенцијата Танјуг од судењето.
Судот ќе одлучи по тужбеното барање и дури по завршувањето на парничната постапка ќе донесе одлука дали целосно или делумно ќе го прифати барањето на семејството или по потреба ќе го одбие. Претходно судот нареди привремени мерки за забрана на располагање и отуѓување на имот во кривична постапка против таткото на момчето, а против мајката во граѓанска постапка.
Кон крајот на јануари пред Вишиот суд во Белград започна кривична постапка против таткото и мајката на момчето, како и против инструкторот и сопственик на стрелачкиот клуб каде, како што постојат основани сомневања, таткото го обучувал момчето да пука. Сите обвинети ја негираа вината. Момчето-убиец не може кривично да одговара пред судот, бидејќи во моментот на убиството било помладо од 14 години.
Покрај оваа парница, уште една тужба покренуваат 27 членови на семејството на убиените и ранетите, а неодамна наставничката која беше тешко ранета во пукањето поднесе тужба против неговите родители.