Град Скопје да ја врати старата цена на паркингот, бараат советниците од ВМРО-ДПМНЕ

Во екот на пандемијата, на економскиот колапс и на галопирачкиот раст на сиромаштија, СДСМ и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов го поскапеа паркирањето во градот. Го повикуваме Шилегов и неговите послушници во Советот на Град Скопје да се вразумат и да ја вратат старата цена на градскиот паркинг, а потешкотиите во работењето на претпријатието да го помогнат од градската каса, не од џебот на граѓаните,  истакна денес Јелена Жугиќ, советник во Град Скопје.

„Шилегов не само што ја зголеми месечната карта во катните гаражи кои се под надлежност на „Градски паркинг“  за 100%, туку ја зголеми и цената за час на зонското паркирање од 10% до 20% во однос на старата тарифа. За секој час паркирање на зонските места, цената на билетот е зголемена за 5 денари. Оваа одлука е апсурдна! Во време кога градскиот превоз се одвива со намален капацитет и кога временските услови не дозволуваат користење на алтернативен превоз, велосипеди и тротинети, во време кога илјадници граѓани живеат во сиромаштија со 120денари  дневно, во време кога десетици илјади скопјани останаа без работа,  СДСМ и Петре Шилегов го поскапеа паркирањето дури и до двојно повеќе, истакна таа.

„Шилегов, лажниот социјалдемократ удира по џебот на граѓаните за да го прикрие своето неодговорно, неекономско и неделотворно работење. Парите во износ од над половина милион евра кои во сред пандемија ги потроши за пластични диносауруси и новогодишни сијалички, сега тој решил да ги наплаќа од граѓаните. Лажниот социјалдемократ донесе одлука за поскапување на паркинг услугите во време кога поскапе и струјата и  водата, кога поскапеа горивата и пораснаа цените во малопродажбата“ – дополни таа.

Жугиќ својата прес-конференција ја заврши со, како што рече, неколку стихови во духот на новогодишните празници.

„Среде Скопје високо елката ни стои и ја красат играчки од илјадници евра и бои,

И додека народот за егзистенција се бори,

Петре сака од паркирање пари да си брои.

Петре од бајките милно ни се смее и ни вели весело секој нека венее.

Петре, Петре место дарови во криза да реди

тој нашите џебови упорно ги цеди“.