Изминатиов период работевме напорно и совесно при што реализиравме голем број инфраструктурни проекти кои се од огромно значење за жителите. Работевме постојано на изработка на проекти кои се во насока на подобрување на условите во општината, истакна градоначалникот на општина Чешиново-Облешево Костадин Личков, кој даде отчет за сработеното во изминативе четири години.
Меѓу позначајните проекти кои биле реализирани, тој ги посочи изградениот мост на река Злетовица кај село Жиганци, проект вреден 9,5 милиони денари, изградба на фекална канализација во село Кучичино во вредност од 16,7 милино денари. Поставени се информативни табли за природни и културни знаменитости во општината, проект вреден 846.070 денари, изграден е локалниот патен правец Облешево-Чифлик.
– Во соработка со Министерството за труд и социјална политика реконструиран е просторот каде е сместен Дневениот центар за стари лица во Облешево. Просторот е опремен со нов инвентар, рече Личков. Пуштена е во употреба градинката „Ѕвездички“ во Чешиново. Во нејзини рамки е отворен клон на детската градинка во Облешево.
Во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта изградени се две делници од регионалниот патен правец врска Р 1204 врска со Р 1304 и тоа делницата Теранци-Видовиште и Бурилчево-Аргулица. Започнавме, како што рече, и со првата фаза од изградба на патниот правец Кучичино-Теранци. Доизградени се краци на канализацискиот систем во Облешево.
Во соработка со Агенцијата за млади и спорт изградено е повеќенаменско спортско игралиште во Облешево, изграден е мост на регионалниот пат Р 2342 кој ја поврзува општина Чешиново-Облешево со општина Пробиштип, изградена е канализациска мрежа во село Чифлик, како и 11 мини плоштади низ општината. Еден од позначајните проекти, како што рече, е изградбата на главниот цевковод од водоводната мрежа во Облешево, преку кој ке бидат приклучени и населените места Облешево, Чифлик и Чешиново кои ќе добијат чиста вода за пиење.
– Преку ИПА Проектот за развој на руралната инфраструктура потпишавме Договорот за реализација на три позначајни проекти: Изградба на дел од канализациска мрежа во село Соколарци со предтретман, Изградба на нова бушотина за вода со доводен цевковод во село Спанчево и изградба на улицата „Стојан Јакимов“ во село Теранци. Во завршна фаза е и потпишување на Договорот за реализација на проектот Изградба на канализациски систем во село Спанчево. Средствата за овој проект се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски, односно Европската инвестициска банка, рече Личков.