Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, во својот кабинет во средата ги прими гимнастичарките постари пионерки кои екипно освоија прво место на државниот натпревар во А лигата.
Јанчев притоа информираше дека локалната самоуправа секогаш ќе ги поддржува успешните кавадарчани. Најави буџет и програма за сите спортски активности во општината.
Тренерот Јагода Нацева рече дека секој натпревар е тежок сам по себе. Во случајов се работело за конкуренција од над 120 натпреварувачи од цела Македонија. Учествувале осум градови со повеќе екипи.
„Децата покажаа знаење и успешност во вежбањето, напорните тренинзи вродија со плод. Станува збор за голема пожртвуваност и желба да се успее и покрај училишните обврски и други активности. Постигнавме огромен успех и покрај тоа што работиме во полоши услови споредено со поголеми градови“, рече Нацева.
Кавадарци како град веќе се издигнува и се носи со другите градови, нагласи Нацева, изразувајќи го задоволството од резултатите од напорната работа заедно со гимнастичарките и колешката Елена Каракулева, но рече дека им е потребна поддршка.
Клубот за гимнастички спортови „Партизан – срни“ од Кавадарци брои околу 70 членови, на возраст од 4 до 17 години.
„Интересот е голем и зачудувачки, а младите родители свесни што значи гимнастиката како базичен спорт што овозможува психофизички правилен развој. Во скандинавски земји тој е задолжителен до 12 години. Со овој спорт и желба, љубов и упорност, се доаѓа до градење на самодоверба, самопочит и самоконтрола, како најголема придобивка за правилен развој“, додаде Нацева.