Градоначалникот на Дебар: Нема новозаразени, ја добивме битката со коронавирусот

Според официјалните податоци, што беа соопштени денеска, за состојбата со коронавирусот во државава, потврдено е дека во Дебар нема новозаразени, а негативен е и тестот на последниот случај кој беше присутен во градот.

– Во нашиот град повеќе немаме новозаразени од опасниот вирус. И за последниот случај што го имавме вториот контролен тест излезе негативен, што значи дека и тој е впишан во списокот на лицата кои ја добија битката со овој вирус. Вкупната бројка на заразени останува 51 од кои двајца од Центар Жупа. За жал четворица од заболените починаа – изјави за МИА градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

Toj посочи дека нема лица ниту во изолација, ниту пак во самоизолација.

Дука, кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб сепак апелира до граѓаните и понатаму строго да ги почитуваат препораките и мерките на надлежните, затоа што, како што додава „битката е добиена, но не и војната со невидливиот непријател“.

Инаку дебрани и понатаму се мошне доследни во почитувањето на препораките и мерките. Забраната за движење во периодот од речиси два месеца ја прекршиле помалку од десет лица.

Од Оштата болница си замина и последната, четврта група лекари специјалисти кои доаѓаа од Скопје и од други градови за да помогнат во справувањето со коронавирусот.