Денеска, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, оствари средба со официјална делегација од Ниш, Република Србија. Делегацијата беше предводена од Александар Цветковиќ, началник на нишкиот управен округ. На средбата беа присутни и Небојша Васиќ, директор на Народната библиотека „Стеван Сремац“ во Ниш, Горан Максимовиќ, декан на Филозофскиот факултет во Ниш, како и Бранко Цветковски, директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје.
Градоначалникот Трајановски, ја поздрави делегацијата и им посака добредојде во Скопје. На средбата беше разговарано за продолжување на соработката во рамките на еврорегионот Скопје-Ниш-Софија „Евробалкан“ кој има за цел да ја интензивира прекуграничната соработка како средство за регионален економски развој и интеграција во рамките на регионот. Покрај оваа соработка, беа разгледани и можностите за соработка на полето на културата којашто претставува важен мост меѓу Скопје и Ниш.