Гранатирањето на електроенергетската инфраструктура во градот Енергодар на југот на Украина, кој речиси шест месеци е под контрола на проруските сепаратистички и руски сили и каде живее персоналот кој на одржува нуклеарна централа Запорожје, што претставува сѐ поголема закана за централата, соопшти во петокот Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).
Електричните водови надвор од централата, виталната линија за заштита од потенцијално топење на јадрата на реакторите, веќе се прекинати, а гранатирањата во Енергодар предизвикаа траен прекин во снабдувањето со струја.
Во врска со тоа од Киев изјавија дека можеби ќе мораат да го затворат последниот оперативен вод и реактор кој го снабдува Запорожје со електрична енергија, вклучително и системите за разладување на нуклеарното гориво во централата.
„Ова е неодржлива ситуација и станува сѐ понесигурна. Енергадар потона во темнина. Централата нема струја однадвор. И видовме дека по поправката на инфраструктурата повторно е оштетена“, изјави директорот на IAEA, Рафаел Гроси во писмената изјава/
Украина ја обвинува Русија дека наводно ја гранатира нуклеарката Запорожје, иако централата од почетокот на март е под контрола на руската војска а во неа остана да работи украинскиот домашен персонал. Москва протестираше поради тоа што IAEA, чијашто екипа изврши увид и инспекција во нуклеарката не ја именува страната којашто ги изведува опасните гранатирања.
„Ова е целосно неприфатливо. Тоа не може да се издржи. Поради тоа итно повикувам на моментално прекинување на гранатирањата во целиот регион. Само тоа ќе овозможи безбедност на оперативниот персонал и трајно обновување на напојувањето на Енергодар и на централата“, додава Гроси.
Претходно седмицава Гроси повика на создавање „зона на нуклеарна безбедност и безбедносна заштита“ околу Запорожје, повторувајќи го својот повик и во петокот.
Операторот со Запорожје не е убеден дека напојувањето со струја однадвор може да биде обновено и дека тоа го тера да го разгледа гаснењето на последниот реактор кој работи, додава Гроси.
„Целата централа тогаш целосно би се потпирала на дизелски генератори за итни случаи за осигурување на виталната нуклеарна безбедност и безбедносни функции. Како последица на тоа, операторите не би можел повторно да ги покрене реакторите, освен доколку напојувањето однадвор сигурно повторно не биде воспоставено“, се наведува во изјавата на челникот на IAEA.