
Единствено кај народната власт може да има слух за волјата на народот, а ова кај нас не е случај, истакна Солза Грчева, претседателката на опозициската партија „Глас за Македонија, во нејзиното гостување во вестите на ТВ 24. Таа додаде дека овој нецивилизиран процес на промена на Уставот може само да не одалечи од Европската Унија.
Не ме интересира дали ќе има двотретинско мнозинство, можат и 120 да гласаат, а сите тие гласаат против јасно изразената волја на народот од референдумот, за кој и ДИК кажа дека е пропаднат референдум, а тогаш македонскиот народ јасно покажа дека е против оваа промена. Со протестот се изразува револт против процесот кој ја згаси комплетно правната држава. Ова што се случува овде е без преседан во поновата историја на Македонија – потплатување на уценети пратеници, помилување со селективна амнестија, специјално за луѓе со кривични обвиненија се менува Кривичниот законик. Вчера чувме и дека се прифатени уставни промени во Преамбулата по барање на една од албанските партии, а тоа не може така да се прифати во кабинет, бидејќи се треба да помине низ собраниска процедура. Ова е еден нецивилизиран процес кој наводно треба да не однесе во Европа, а вакви кон Европа дефинитивно не влегуваме. Кај секоја народна власт протестите имаат ефект, а оваа власт која е марионетска власт и работи по нечија задача, за неа нема никакво влијание народниот револт. Дури понатаму ќе почне политичката битка за санирање на штетите од овој договор, вели Грчева.
Грчева нагласи дека корист од Договорот од Преспа ќе има единствено грчката страна, а Македонија нема никаква писмена гаранција за напредок и покрај спроведените измени. Според неа пратениците кои ќе гласаат за промената на Уставот ќе одговараат за нивните дела.
Од грчката страна очекувам глумење на отпор, бидејќи ваква грепка на лотарија досега не извлекле – да имаат „ерга омнес“, да нема македонски народ, односно да не постои македонски државотворен народ и да ни се оттуѓи историја. Оттука сметам дека тие едвај чекаат ова да го изгласаат и тријат раце. Проблемот е што се потпиша договор без никаква гаранција за македонската страна. Каде има Македонија писмена гаранција дека ќе напредува после вавкиот срамен чин што си го приреди самата? Ова е непристоен предлог кој се наоѓа пред пратениците и тие утре ќе одговараат и ниту селективната противуставна амнестија нема да ги спаси од ваквите дела, заклучи таа.