Меморандум за разбирање меѓу грчката и египетската Влада за соработка во областа на воздухопловната и поморската потрага и спасување, како и билатерален договор за 5.000 сезонски работници потпишаа во Каиро надлежните министри од Грција и Египет, јави дописничката на МИА од Атина.
Министрите за одбрана на двете земји, Никос Панајотопулос и Мохамед Заки го потпишаа меморандумот за соработка за воздухопловна и поморска потрага и спасување, а според Панајотопулос со договорот „се одредуваат границите на надлежност и областите на одговорност за потрага и спасување помеѓу Грција и Египет, кои се идентични со воздушните простори (FIR) на Атина и Каиро со целосно спроведување и апсолутно почитување на меѓународното право“.
Дополнително, алтернативниот шеф на грчката дипломатија задолжен за европски прашања Милтиадис Варвицотис и неговиот египетски колега Ихаб Наср потпишаа договор за 5.000 сезонски работници, што предвидува влез и престој во Грција на работна сила од Египет за сезонско вработување во земјоделскиот сектор.
Меморандумот и договорот беа потпишани во присуство на шефовите на грчката и египетската дипломатија Никос Дендиас и Самех Шукри кои паралелно одржаа и билатерална средба.
Дендиас рече дека со потпишувањето на меморандумот за соработка за воздухопловна и поморска потрага и спасување, целта е да се создаде „рамка за соработка која ќе помогне да се спасат драгоцени човечки животи“, но и исто така двете земји испраќаат и јасна порака дека нивните постапки секогаш се засноваат на меѓународни норми и „во никој случај не се обидуваме да го нарушиме суверенитетот или суверените права на другите земји“.
За договорот за сезонски работници во земјоделскиот сектор, Дендиас рече дека е „клучен за унапредување на економската соработка меѓу Грција и Египет во многу важен сектор, земјоделството“, но и промовира легална и регуларна миграција.
-Овие два договори се надоврзуваат на уште еден клучен договор што го потпишавме заедно пред две години, во истава зграда, за одредување на нашите Ексклузивни економски зони. Овој договор претставува модел за тоа како треба да соработуваат земјите кои сакаат да коегзистираат во заемно корисно опкружување. Со почитување на принципите на меѓународното право и меѓународното право на морето, вклучени во Повелбата на Обединетите нации, истакна Дендиас.
Додаде дека Грција и Египет преку нивните билатерални врски, придонесуваат за промовирање на стабилноста и безбедноста на Медитеранот.