Грција планира да ја прошири за 80 километри оградата кај Еврос на границата со Турција

Оградата на Еврос ќе се прошири за околу 80 километри, најави министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис говорејќи за грчкото радио „Скај“ и паралелно објасни дека малиот остров во реката Еврос каде што беа заглавени 38 мигранти, не е грчка територија, јави дописничката на МИА од Атина.

Митаракис истакна дека Турција не е земја во војна, додавајќи оти „хуманизмот е многу важен, но луѓето кои сакаат да дојдат во ЕУ поради нееднаквостите што постојат во светот се стотици милиони“.

– Не говориме за затворена Европа, но ниту за Европа во која криумчарите ќе одлучуваат кој ќе дојде, истакна министерот за миграција и азил на Грција.

За ситуацијата со мигрантите и бегалците во земјата, објасни дека во овој момент згрижени се 18.000 лица, од 92.000 во 2020 година, а од 121 прифатен центар, сега работат 34 во цела Грција.

Во однос на бегалскиот камп Елеонас во Атина, каде што во тек е процес на префрлање на бегалците во други центри, со цел конкретниот камп да се затвори, а втор ден по ред имаше мали инциденти, Митаракис за „Скај“ рече дека оние кои се противат се мал број, пет до десет луѓе.

Паралелно, на Твитер напиша дека „мигрантите и оние кои се солидарни со нив им се закануваат на вработените“, повтори дека центарот ќе се затвори, а паралелно објави и видео.

Според грчките медиуми, во денешните мали инциденти биле приведени пет лица.