Со целосно укинување на забраната за движење за граѓаните и отворање на дел од продавниците, Грција од шест часот утрово, по 42 дена излегува од карантин и влегува во новата фаза на постепено олабавување на рестриктивните мерки, јави дописничката на МИА од Атина.
Од денеска маските ги заменуваат смс пораките и потврдите за движење, со оглед на тоа дека заштитната маска во одредени случаи е задолжителна, а од „остануваме дома“, мотото во текот на карантинот, сега под новиот слоган ,„остануваме безбедни“, Грците излегуваат од карантинот.
Задолжително носење маска во одредени случаи или строга препорака за употреба на маска во други; силна препорака старите лица да продолжат да седат дома; строга препорака да се ограничи движењето на јавни места од полноќ до шест часот наутро; препорака за користење автомобили за избегнување гужва во јавниот превоз, препорака државните службеници да продолжат да работат од дома; промена во почеток на работното време, се дел од правилата, препораките и упатствата на грчката влада до граѓаните, како дел од планот за постепено префрлање во новото секојдневие.
Денеска се отвораат книжарници, оптики, продавница за спортска опрема, фризерски салони, берберници, центрите за техничка проверка на возила
Во зависност од големината на просторот, ќе биде ограничен и бројот на потрошувачи, односно ако е до 20 метри квадратни, дозволени се најмногу четири лица.
Веќе е дозволена физичка активност на отворено, но и на плажи. На граѓаните им се препорачува собирите да ги ограничат на најмногу десет лица. Паралелно црквите се отворени за индивидуални молитви и посети.
Се отвораат 26.167 од 260.000 бизниси, а на работа се враќаат 68.528 вработени.
Фризерските салони, берберниците и салоните за убавина работат само со закажан термин, маската ќе биде задолжителна за вработените, а за клиентите постои само препорака.
Бројот на клиенти ќе биде во зависност од големината на салонот, ако е до 20 метри квадратни, не смее да има повеќе од четири лица (вработени и муштерии), од 20 до 100 метри квадратни, четири лица плус едно лице на секои десет метри квадратни за секој дополнителен метар од 20 до 100.
За салоните од над 100 метри квадратни, 12 лица плус едно лице на секои 15 метри квадратни.
Од денеска одново започнува со работа јавниот сектор во Грција, како и локалната самоуправа, онаму каде што постои можност ќе продолжи праксата за работа од дома, а за да биде побезбедно користењето на јавниот превоз и да се избегнат гужви, државните службеници на работа може да доаѓаат во три групи, во седум, во осум или во девет часот наутро.
Маската за граѓаните задолжителна само во јавниот превоз, такси возилата, лифтовите и болниците
Употребата на маска за граѓаните во Грција, од денеска е задолжителна само во случаи кога не може да се држи потребното растојание, односно во јавниот превоз, во такси возилата, во лифтовите, како и во болниците, ординациите, здравствените центри и дијагностичките центри.
За канцелариите, училиштата, универзитетите, верските објекти, супермаркетите и продавниците, угостителските објекти, фризерските и козметичките салони, како и за отворените простори, употребата на маска од граѓаните не е задолжителна, туку постои само препорака.
Маска, задолжително е да носат вработените во јавниот и такси превозот, вработените во угостителските објекти, во болниците, како и во фризерските и козметичките салони. Во супермаркетите е задолжителна само за оние кои работата со прехранбени продукти кои не се спакувани.
За персоналот во училиштата и универзитетите, во религиозните објекти и во продавниците, маската не е задолжителна, туку постои само препорака.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис објави видео на неговиот официјален „Твитер“ профил за тоа како правилно да се стави и да се користи маската.
-Како што ги послушавме експертите и останавме дома, сега ги слушаме експертите за да го научиме правилниот начин за употреба на маската. Ги миеме рацете, држиме растојание, напиша Мицотакис.
Високи казни за непочитување на новите мерки и правила
Грчката полиција, досега вршеше контроли за почитување на забраната за движење, а од денеска, ќе контролира дали граѓаните носат маски, особено во јавниот превоз.
Казната за неносење маска на местата каде што е задолжителна употребата, е 150 евра.
Паралелно, предвидени се високи парични казни и за непочитувањето на мерките и правилата во продавниците, фризерските и козметичките салони и слично.
За прекршување на правилата и заштитните мерки, бизнисите ќе се казнуваат парично, но и со привремено затворање, а казните се согласно големината на бизнисот и се движат од 2.000 до 100.000 евра.
Надлежни за контроли се Генералниот секретаријат за трговија и заштита на потрошувачи, полицијата и општинската полиција, регионалните ревизорски служби, Трудовата инспекција и Управата за јавни приходи.
Денеска започна првата фаза од олабавувањето на мерките во Грција. За месецов предвидени се уште две фази, на 11 и на 18 мај.
Следниот понеделник ќе се отворат и останатите продавници за малопродажба, а матурантите ќе се вратат во училишните клупи.
Во Грција, од почетокот на епидемијата, регистрирани се 2.626 позитивни случаи на Ковид-19, активни се 1.108 случаи, 1.374 лица оздравеле, 144 починаа, а 37 се хоспитализирани и приклучени на апарати.