Најмалку 60 мртви во пожарите кои ја зафатија Атика, но локалните власти веќе стравуваат за над 100 жртви, преку 550 повредени, илјадници принудени на бегство, ова е трагичниот 24 часовен биланс од пожарот во Грција кој и покрај натчовечките напори на пожарникарите, не дава да се припитоми, пред се поради силниот ветер.
Премиерот Ѕипрас прогласи тродневна жалост, вонредна состојба и побарана е помош од Европската унија. Градоначалникот на областа Рафина, Евангелос Бурнус, најави дека бројот на жртвите е осуден да расте. Најголем дел од жртвите се токму од неговата област, местото Мати, 40 километри североистично од Атина, населба која фактички повеќе не постои. „Мати исчезна“, ќе каже градоначалникот Евангелос Бурнус.
Токму тука, 26 јагленосани тела се пронајдени во еден двор. Други жртви, прегрнати, едни до други, се пронајдени на плажата на Аргири. Телата, меѓу кои и оние на деца, најдени се на 30 метри од морето. Трагични и срцепарателни сцени кои потсетуваат на Помпеи. Најмалку 16 деца се во критична состојба соопштија од Црвениот крст.
Трчавме и бегавме накај морето. Паднавме во морето и пробавме да се одалечиме, да се отргнеме од јаглеродот диоксид. Се одалечивме колку што можевме. Но, како што се одевме подалеку, имаше многу ветер и силни струи и морето почна да не одалечува од брегот. Не можевме да видиме каде сме, каде е Мармари, каде е Рафина, каде е Мати. Не можевме ништи да видиме, кажа локалниот жител Никос Ставринидис.
Илјадници луѓе панично бегале накај плажите. Воени бродови распоредени долж брегот помогнале во евакуацијата. Луѓе дури и скокале од околните карпи во морето, некои се спасиле, голем дел настрадале од фаталниот пад во водата.
„Тоа што ме вознемирува и што го носам во срцето е ужасот да гледаш како личноста до тебе се дави, а ти не си во состојба да му помогнеш. Тоа е вистинската трагедија“.
„Библиска катастрофа во Грција“, е краткиот опис на некои од грчките новинари. Втор голем пожар ја уништува дабовата шума на 50 километри западно од Атина. Густиот чад кој стигнал до главниот град, го примора затворањето на главниот автопат кој поврзува со Пелопонез.
Во моментов три пожари беснеат во реонот на Атика, но и други пожари се закануват на Коринт, Пелопонез и Крит.
Се уште се непознати причините за пожарот, но грчката влада се сомнева дека се подметнати. „Ништо нема да остане неодговорено, изјави премиерот Ципрас.
Пожарите се појавиле на различни места, некои и многу одалечени едни од други. Оттука, Ципрас уште утринава зборуваше за сомнителни и „асиметрични пожари“. Според грчките медиуми, пироманите се дале во акција со цел да ги ограбуваат напуштените вили на туристите, или пак поради градежна шпекулација. Ципрас повика дека пред националната трагедија каква што земјата не памети од 2007 година, граѓаните да не се резигнираат, туку напротив, да се борат. „Сега е моментот да се бориме, да бидеме обединети, храбри, и пред се солидарни“, ќе нагласи грчкиот премиер.
Македонија од името на премиерот Заев, изрази длабоко сочуство и жалост до грчкиот народ и изгубените животи. Македонија понуди и симболична, но солидарна помош до грчките власти. Македонските граѓани преку социјалните мрежи изразуваат жалење за катастрофата кај нашиот сосед, вџашени се и револтирани од навредливите коментари и говорот на омраза кој можеше да се види на социјалните мрежи.