Грците синоќа излегоа на масовен антивладин протест пред парламентот во Атина. Тие под мотото „Дајте си оставка“, побараа да си замине премиерот Алексис Ципрас и неговата влада. Се вееја грчки и знамиња на Европската Унија, се слушаа стари изјави на Ципрас пред да стане премиер кога ветува дека нема да гласа за нови мерки за штедење. Грците извикуваа „Измамници, лажговци“, „Не ве сака народот, одете си“, „Ципрас собери си го циркусот и оди си“. Велат дека се изморени од нивната политика и од начинот на раководење на Грција.
Грчките граѓани бараат Ципрас да си даде оставка или да формира влада на национален консензус.
Паралелно имаше и масовен протест пред Белата кула во Солун.
Протестите во Атина и во Солун беа органиизрани на социјалните мрежи. Демонстрантите бараа целосна промена на владината политика, реформи, излез од меморандумот за штедење, намалување на даноците и кратење на државните трошоци. Граѓанскиот протест го поддржаа и од опозициските партии ПАСОК, Река и Нова демократија.
Грција очекува да добие зелено светло од самитот на Еврогрупата за потребната помош од 7,5 милијарди евра, кои се очекува да бидат исплатени следната недела.