Атина денеска ја обвини македонската Влада дека го прекршила Привремениот договор меѓу двете земји од 1995 година, откако генералниот конзул на Македонија Јовица Палешевски наводно „на официјален настан во Торонто говорел на позадина, која содржела иредентистички симболи и мапи“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, македонското МНР се уште работи на расчистување на случајот и кога ќе се соберат сите податоци и потребни детали, ќе објави и официјална реакција и дообјаснување за она што навистина се случило.
– Го осудуваме учеството на генералниот конзул на ПЈРМ во Торонто, Јовица Палешевски на иредентистички настан, учество кое претставува уште едно прекршување од страна на ПЈРМ на Привремената спогодба, со која се бара воздржување од секаква акција со која се поддржуваат територијални претензии, соопшти грчкото МНР.
Воедно, во соопштението се додава дека „на позадината на бината од која Палешески им се обратил на учесниците на настанот, биле прикажани иредентистички симболи и мапа на ПЈРМ, која опфаќа и грчка територија“.
– Новата влада на ПЈРМ тврди дека се стреми кон нов почеток во односите со Грција. Сепак, и покрај промената на власта, се чини дека иредентизмот и понатаму е доминантна државна идеологија и секојдневна политичка практика во нашата соседна земја. Одрекување од иредентизмот, почитување на границите и практична примена на принципите за добрососедство се неопходни услови за реализација на евроатлантските аспирации на ПЈРМ, се вели во соопштението на грчкото МНР.