Греењето со дрва, сообраќајот и градежништвото најголеми загадувач на воздухот во Скопје

Биомасата, односно греењето на дрва, е најзначаен извор на загадувањето на воздухот во Скопје во зимските месеци. Палењето огнови на отворено се причина за загаден воздух најмногу во пролет и лето, а сообраќајот, индустријата и согорувањето на нафта и мазут се извори на загадување во текот на целата година. Минералната прашина, пак, која е последица на градежните работи, во Скопје е најприсутна во текот на летните месеци.

Ова се главните резултати кои ги содржи Студијата за пропорционирање на загадувачите во Скопје, изработена во проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Главната цел на истражувањето, кое траеше од октомври 2020 година до декември 2021 година, според Дејан Мираковски, професор на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кој денеска ги презентираше резултатите, беше да се лоцираат причините, но и да се пропорционира нивниот удел во загадувањето. Мерењата се изведуваа на две постојани локации во Ново Лисиче и Карпош, дел од државна мониторинг мрежа, и три повремени, по две недели во секоја сезона, две во општината Ѓорче Петров во Хром и Волково и едно во општината Гази Баба.

„Ново Лисиче има седум главни извори на загадување. Тоа се согорувањето на биомаса, односно загревањето на домаќинствата, потоа согорувањето оган на отворено, сообраќајот, секундарните аеросоли, индустријата, минералната прашина и согорувањето на нафта и мазут. Карпош, исто така има седум позначајни извори на загадување, со една разлика што влијанието на сообраќајот за разлика од Ново Лисиче е помало, а на индустријата поголемо“, вели Мираковски.

Според истражувањата, Ново Лисиче има релативно повисоки концентрации на ПМ 2,5 отколку Карпош. Согорувањето од биомасата е присутно од ноември до март, односно само во зимските месеци, а во лето го нема. Учеството на греењето на дрва во зима во загадувањето на воздухот е од 17 до 45 микрограми ПМ 2,5 на кубен метар во Ново Лисиче и од 12 до 30 микрограми во Карпош. Тоа, според Мираковски, доведува до заклучок дека само затоплувањето ја надминува максималната дозволена граница од 25 микрограми ПМ 2,5 честички.

Сообраќајот, кој е вториот најважен извор на загадување во Ново Лисиче има учество од 4, 82 до 17 микрограми, во Карпош е многу помал, од 0,8 до осум микрограми и е присутен во целата година. Согорувањето на нафта и мазут е следниот фактор присутен во целата година, кој во аерозагадувањето продонесува со вредности од 3,28 до шест микрограми во Ново Лисиче и од 0,8 до 7,5 во Карпош. Индустриските емисии се помали на овие две локации се движат од 0,33 до 4,59 микрограми во Ново Лисиче и од 1,33 до 3,35 микрограми во Карпош. Минералната прашина, пак, има највисок пик во летните месеци кога во аерозагадувањето придонесува со вредности од 0,33 до 8,25 микрограми што за тој период значи и до 40 отсто од загадувањето во Ново Лисиче и од 0,54 до 11 микрограми во Карпош.

Горењето огнови има специфичен временски отпечаток и најмногу се јавува од мај до јуни, иако го има преку целата година. Во Скопје има специфичен состав, во кој се наоѓаат и никел и бакар, односно различен од земјоделските согорувања кои содржат арсен, калиум и јаглерод. Во Ново Лисиче огновите допринесуваат со 11 микрограми во загадувањето, а во Карпош со 7,3 микрограми.

„Може да заклучиме дека биомасата останува најзначаен извор на загадување во зимскиот пеиод со учество од 36 до 57 отсто од вкупното загадување во Ново Лисиче и од 25 до 59 отсто во Карпош. Има и други значителни извори на загадување како што се нафтата и мазутот, минералната прашина и согорувањето на оган на отворено“, вели Мираковски.

Нафтата и мазутот се фактор кој е присутен во многу различни извори на загадување, како што е греењето на јавните објекти, индустриските емисии и сообраќајот. Една од причините што овој фактор е високо на листата е што 52 отсто од училиштата во Скопје, или над 80 школи, се греат на нафта и мазут, а 48 отсто на централно греење. Решението е промена на системите за греење, што не е сложено и може брзо да се направи. Ефикасно може да се елиминира и минералната прашина како фактор на загадувањето која доаѓа од градежништвото. Тоа се мерки кои веќе постојат и вклучуваат почесто миење на улиците, но и на гумите на возилата кои излегуваат од градилиште.

„Накратко, акциите се основа на сите успеси, што значи дека мора да почнеме да ги решаваме проблемите, посебно оние кои ги знаеме“, советува Мираковски.

За министерот за животна средина Насер Нуредини, со резултатите од Студијата, науката ги потврди претпоставуваните извори на загадување во Скопје.

„Кога ќе ги знаеме проблемите ќе можеме подобро да изградиме мерки и препораки. Потребна ни е акција, постојано зборуваме, но не се инвестира доволно во инфраструктура. Скопје има централно грење, сепак главното загадување е од согорувањето био маса. Тоа значи дека во другите градови каде нема централно греење е само полошо“, вели Нуредини. Тој истакна дека земјава, иако дава субвенции за загревање со печки со пелети, не знае каков е квалитетот на пелетите и дали и тие не загадуваат.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска истакна дека бројките презентирани во студијата не се изненадување и дека треба да се преземат системски мерки за нивно надминување.

„Градот Скопје неодамна формираше Градски еко совет чија главна задача е да се изведат квалитетни политики и мерки за заштита на животната средина и урбаното живеење. Во моментов работиме на инвестиции во голема пречиситителна станица за отпадни води, а почнуваме и со изградба на првиот од четирите мега паркови, што ќе се наоѓа во Ѓорче Петров. Во план е и засадување на 100.000 садници секоја година а се работи и на финална имплементација на зелениот катастар“, вели Арсовска.

Според Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Кралството Шведска, едно од решенијата се инвестициите во обновливи извори на енергија кои ќе придонесат за намалување на загадувањето. Еден од главните причинители на загадувањето е греењето на дрва, што според Форсгрен Бенгтсон можеби е поврзано со енергетската сиромаштија, но и со цената на енергенсите, енергетска неефикасност и други фактори. Од друга страна, користењето на големи количини био маса придонесува и за дефорестација и губење на биодиверзитетот, но и за ерозија и поголеми ризици од поплави.