-1.2 C
Skopje
сабота, декември 14, 2024

Граѓаните протестираат против сечата на брезите на Водно за гасоводот

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ на својот Фејсбук профил објави статус посветен на исечените брези поради градењето на гасоводот на Водно.

-ОХ, ТИЕ БРЕЗИ, ТИЕ СОЛЗИ

Има нешто што е исто кај срните и брезите.
Кога крволочните ловци или волци ќе и го убијат породот, срната плаче..
Плачат и брезите кога ги сечат…
Некогаш дамна, дете дури бев, имам видено многу, многу болка и солзи во очите на една ранета срна. Таа глетка, тие солзи во кротките , тажни очи на срната никогаш нема да ги заборавам.
Деновиве, горе на Водно ,пак, ја видов истата слика.
Но, сега плачеа исечените брези…
Срните таму оддамна ги нема. До пред две-три децении ги имаше цели стада, и не еднаш, оддалеку, ги гледав како ја „пресекуваат“ шумската патека накај Матка.
Ги нема, веќе, и брезите…
Ги исекоа со моторни пили, со земјата рамно, в корен…
Прават „коридор“ за гасовод, чиниш „ Партизанска“, Булевар сосе тротоари, среде шума. Му го враќаат старото лице на Водно, она од пред седумдесетина години: голо, пусто, бездрвно…
Во понеделникот предпладне ги видов кутнати на земја. Во вторникот веќе беа „стокмени“ на метро. Чуму на метро?
Ноќна работа, си велам. Исто како и неодамнешните пополноќни и раноутрински сечи на дрвата во парковите, долу во градот…
Три-четири дена ги гледам солзите на исечените брези на Водно. Навистина тие плачат. И тогаш кога беа „спружени“ на земја, и наметрени, а најмногу она што остана од нив- долниот дел, остатокот од стеблата, кутуците… И ќе плачат се дури огромните грди машини, кои чекаат на готовс, не ги откорнат сосе корен, а место нив ги „посадат“ бескрајните железни цевки…
Ги нема, веќе, брезите крај патеките на Водно. Ги нема и самите патеки…
Онаа, брезата, веднаш до патоказната табла за Матка, прва ја пресекоа…А беше висока , белузлава, вита…И времиња долги, со нежен трепет, со тивок шум на лисјето, го мереше ветрот…
А оние моторните пили, најфаталниот изум на човекиот род, токму тие ќе стават точка на нашето постоење…, стои во нивниот Фејсбук пост.

By Ilo Gajtanoski