Само скромен напредок во справувањето со корупцијата во Македонија – ова стои во најновиот извештај на ГРЕКО, односно Групата држави против корупција на Советот на Европа. Од 19 препораки во Извештајот од Четвртиот круг на евалуација, 9 биле имплементирани во задоволителна мера, 9 делумно. Една препорака – за спречување на корупција кај судиите останува неимплементирана – се нотира во извештајот. ГРЕКО препорача дека за да зајакне независноста на судството од несоодветно политичко влијание, треба да се укине членството на Министерот за правда по службена должност во Судскиот совет.
„ГРЕКО изразува жалење за постојаниот недостаток на напредок во рамките на оваа препорака и потсетува дека можното политичко влијание од страна на Министерот за правда, дури и без право на глас или формално присуство на состаноците беше темелно документирано во Извештајот за евалуација“
ГРЕКО нотира дека меѓу препораките кои се делумно имплементирани се оние кои се однесуваат на спречување корупција кај пратениците. Имало голем број на ветувачки иницијативи, како изработката на новиот Кодекс, како и упатство за етичко однесување на пратениците, особено во делот на судир на интереси, односи со лобисти, прифаќање подароци. ГРЕКО заклучува дека Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието одговорна за спроведување на тековно важечкиот кодекс, не извршила ниту една од своите функции.
„Според Кодексот, Собранието е одговорно да го следи и оцени напредокот во неговата примена. Не се дефинирани санкции за прекршување, освен што се наведува дека тие не се задолжителни. Иако е предвидено доверливо советување и менторство, не е прецизирано на кои собраниски тела им се доделени овие функции“
Во извештајот е наведено дека се проширува опсегот на санкции што се применуваат на судиите согласно Законот за судовите. Што се однесува до обвинителите, ГРЕКО го поздравува новиот Етички кодекс. Сега се покренувале дисциплински постапки против засегнатите обвинители. Притоа треба да се ревидираат внатрешните правилници за подароци за да се обезбедат идентични прагови за прифатливи протоколарни подароци. ГРЕКО пишува дека актуелниот Закон за јавното обвинителство предвидува намалување, наместо зголемување на санкциите за дисциплински прекршувања од страна на обвинителите.
ГРЕКО пишува дека се зголемил бројот на проверки на Антикорупциската комисија на функционери за ненавремена достава на анкетни листови, но без подлабинска анализа на имотната состојба на сите пратеници, судии и обвинители.
ГРЕКО даде рок до крајот на март 2023 година да се извести за реализацијата на преостанатите препораки.