Грчкиот министер за финансии, Јанис Стурнарас, се’ уште се надева дека земјата ќе ја добие следната транша од меѓународната помош во износ од една милијарда евра, пишува „Си-Ен-Би-Си“. Стурнарас дал вакава изјава и покрај шпекулациите дека преговорите на Атина со доверителите се во застој.
Претставниците на меѓународните кредитори се вратија во Атина, за да направат проценка на напредокот на реформите.
„Ние ги продолжуваме дискусиите со цел да се постигне договор што е можно поскоро. Ја очекуваме исплатата на траншата до крајот на годината“, посочил грчкиот министер.
Досега грчката влада доби 240 милијарди евра во форма на меѓународни кредити, прикрепени кон барањата за штедење и реформи. Во моментов, сепак доверителите немаат тенденција да пуштат најнов дел од помошта поради стравувањата дека Атина се’ уште не одговорила на барањата.
Во последните месеци грчката економија покажува знаци на привремено враќање во нормалата. Во текот на викендот, парламентот го одобри буџетот за 2014 година.