Во грчкиот парламент денеска почнуваат дебатите по предложениот од Владата, буџет на земјата за 2014 година, пренесе Радио Атина. Дебатите ќе бидат завршени во саботата на полноќ со гласање.
Буџетот за 2014 се појавува во момент кога пазарот во Грција бара нови средства за да бидат избегнати нови банкротирања и зголемување на невработеноста. Во секторот на недвижности, најмалку 50 отсто од сопствениците не се во можност да ги плаќаат даноците, сметаат аналитичарите .
Се очекува главниот товар од буџетот при обезбедување на потребните приходи за наредната година да падне на големите фирми и претпријатија, извршувањето на слободните професии и сопствениците на недвижности во Грција.
Новиот буџет влезе во парламентот без одобрение на меѓународните кредитори кои имаат резерви кон него и предвидуваат зголемување на данокот на доход на правните лица и на имотот данок.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предвиде дека економијата на Грција ќе се намали уште во следната година и може да наложи Владата да има потреба од дополнителна финансиска помош, пренесе „Асошиејтед прес“. Во својот извештај ОЕЦД предвидува економијата на Грција да се намали за 0,4 отсто во 2014 година, а грчката Влада прогнозира раст од 0,6 отсто.