
Владата во понеделникот ја одржа својата прва, конститутивна седница, со која претседаваше премиерот Димитар Ковачевски.
Претседателот Ковачевски им го честиташе изборот на министрите за членови на Владата и им посака добро здравје и многу успех во работата во период во кој е потребна добра соработка и вложување на сето знаење, посветеност и умешност како предуслов за добра и успешна работа на Владата во целина во реализирањето на Програмата за работа која е креирана врз основа на приоритетите на граѓаните.
На оваа конститутивна седница се определени заменици на претседателот на Владата на Република Македонија, и тоа:
– д-р Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците, за прв заменик на претседателот на Владата на Република Македонија;
– м-р Славица Грковска, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за политики на добро владеење;
– Фатмир Битиќи, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања, за координација со економските ресори и инвестиции;
– м-р Бојан Маричиќ, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања;
– д-р Џемаил Чупи е именуван за министер без ресор, задолжен за дијаспора.
Владата денеска именуваше и претседатели и членовите на основните комисии на Владата на Република Македонија.