Артан Груби веќе не е дел од ДУИ, изјавија претставници на ДУИ за ТВ 24. Пред да избега во Косово, а според последните информации и во Албанија, Груби на фејсбук напиша дека се повлекува од јавниот живот.
Пред неколку дена и Блерим Беџети, организациски секретар на ДУИ изјави дека Груби веќе не е дел од ДУИ, дека тој се повлече пред партиските органи да донесат таква одлука. Беџети вели дека ДУИ ги почитува, ги прифаќа и има сериозен пристап кон одлуките на Стејт Департманот за црната листа.
Тој го повика поранешниот сопартиец да се врати.
„Артан Груби јавно го повикувам, во име на партијата и во мое лично име, да се пријави пред органите на правдата, за да се соочи. Значи, станува збор за случајот со Држана лотарија, а не за црната листа на САД, тоа е нешто друго. Како секој граѓанин, и како носител на јавна функција, ако е чист како што кажува или пак прекршил закон, тоа треба да се констатира во органите. Се надевам дека поскоро ќе се соочи, тој, и многу други“, изјави организацискиот секретар на ДУИ, Блерим Беџети.
ДУИ не ги коментира наводите на лидерот на Демократското движење, Изет Меџити дека поранешниот вицепремиер, Артан Груби е во Албанија.