Во рамки на Преспа форумот за дијалог се одржа сесија насловена “Европскиот мировен проект во Западен Балкан”, чиј домаќин беше првиот заменик претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
Груби истакна дека од следната година ќе се здружат силите со Министерството за надворешни работи и преку ребрендирање на форумот во “Peace Forum Dialogue“ ќе се вклучат во една заедничка конференција за остварувањата на Охридскиот договор со надеж дека дотогаш ќе се заокружи и договорот за добрососедство со Бугарија.
“Денешниот форум се одржува во клучни околности за привршување на нашиот пат на помирување, во последните денови од билатералниот дијалог, кој повторно го олеснуваат поддржувачите на нашата земја”, рече меѓу другото Груби.
Тој додаде дека минатата година заедно одбележавме 20-годишнина од Охридскиот договор, како заеднички успех на двете најголеми заедници заедно со помалите заедници и меѓународната заедница. Се потпиша Договорот од Преспа менувајќи го Уставот со што на светот му покажавме најдобар пример за модел на решавање на сите спорови.
„Во спорот со соседна Бугарија правиме се што е во наша моќ да ги усогласиме нашите позиции и да го одблокираме нашиот пат на интеграција преку ново пријателство. Не сме уморни, не сме разочарани, нема да креваме раце, напротив, сме мотивирани да ја надминеме оваа пречка и заедно со соседите од Западен Балкан да се најдеме себеси вкотвени во пристаништето на ЕУ. Но, ова вкотвување мора да биде достоинствено, со целосно почитување на идентитетските, културните и јазичните дефиниции на нашите македонски сограѓани. Поинаку не може да биде“, рече Груби.