Груевски бара изземање на Катица Јанева за „Тенк“

Поранешниот премиер, Никола Груевски и неговите адвокати не се појавија на закажаната седница на Апелацискиот суд, кој треба да расправа по неговата жалба за пресудата во случајот „Тенк“, во кој тој е осуден на две години затвор за набавка на блиндираниот „мерцедес“.

Адвокатите, кои го известиле судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на другите предмети во Кривичниот суд, доставиле барање за изземање на специјалната обвинителка, Катица Јанева, по што е одредена  пауза за да одлучи судечкиот совет. Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, пак, забележа дека во законот нема основа за такво барање.

Груевски вчера на прес-конференција рече дека ниту тој ниту неговите адвокати нема да дојдат на денешната јавна седница на Апелација и обвини дека судовите носат одлуки под политички притисок и дека судот веќе решил да му одреди казна затвор. Според него, одлуката на судот ќе биде казна затвор помала од една година, за тој да нема право на жалба во Врховен суд.

Апелација по жалбата расправаше во петокот, а одбраната на Груевски бараше изземање на судечкиот совет, претседателот на Апекацискиот суд, судијата известител и претседателот на судечкиот совет, но сите барања беа одбиени. Седницата беше прекината откако судијата известител ја прочита првостепената пресуда, па продолжението на седницата го закажа за денеска.