Денеска на средба со граѓаните во Злетово, во Општина Пробиштип беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, тој таму беше во друштво на кандидатот за градоначалник Тони Тоневски. Груевски кажа дека Тоневски заслужува да добие уште еден мандат, бидејќи има направено и повеќе од тоа што го ветил.
„Верувам дека тоа ќе се случи и покрај се што прават овие од СДСМ. Погледнете што направија од изборите, направија карикатура од избори, и во првиот круг и сега, постојано притисоци и закани, уцени и многу поткуп, насекаде низ Македонија, по сите општини. Може да се каже дека Македонија е во опасност, економска и политичка. На политички план се случуваат едни од најкриминалните избори во Република Македонија, какви се немаат одржано во ниту една друга држава. Африкански избори се тоа на кои дури може и Кенија и Сомалија да им завидат, изјави Груевски.
Кажа дека тие се најкриминални бидејќи изборниот процес го водат криминалци. Груевски напомена дека скршен е череп на градоначалник, убиен носител на советничка листа, поткуп и закани кон луѓето и многу други нерегуларности.
„Во Росоман десетина наши активисти се следени на дневна основа, истите тие пријавувале во полиција, а полицијата не реагирала. Во Гази Баба во населеното место Инџиково, вработени од Платежната агенција одат и ветуваат дека 50 проценти поевтино ќе може да набават механизација, а за возврат да се гласало за СДСМ. Ниту механизација народот ќе види, ниту некаква корист, ама целта е да се излаже народот на краток рок, а потоа нека му ја мислат. Во населбата Три Чешми во Штип велат дека секој ден доаѓале луѓе од СДСМ и нудат пари, а тарифата е од 1.000 до 3.000 денари“, рече Груевски.
Спомена уште многу нерегуларности, меѓу кои и закани за убиство, како и следење на кандидатот за градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески. Груевски кажа дека сликата на Македонија е тажна, Македонија е заробена држава според него. Тој напомена и дека полицијата и криминалците се едно, корупцијата цвета.
„Ова е време во кое власта кажува дека било нормално да се прислушкува опозицијата, како да е тоа вообичаена работа, мува не ги лази. Така комотно, шерифиски си викаат дека не прислушкуваат, дека власта ќе ја прислушкува опозицијата, поголем доказ за недемократија немало и ќе нема. Тие мангупи треба да знаат дека си фатиле работа со ВМРО. Би им порачал дека не ја бива вака, сте се фатиле на погрешно оро, одите на погрешен пат, вие ВМРО не можете да го срозите. Ќе дојде време да се средат сметките, а тогаш ќе ве видиме каде ќе се правдате и колку ќе ви биде срам“, изјави Груевски.
Рече дека инсталирана марионетска власт која траела долго, сите кратко траеле и темно завршувале. Тој кажа дека полицијата место да апси криминалци, таа ги ослободува. Груевски напомена дека на економски план се случува катастрофа, дека многу ветувања се неисполнети, дека пензионерите се уценети дека мора да имаат поголем род за да добијат субвенции.
„Се пофалија со продажбата на ФЕНИ, меѓутоа и тоа не им успеа. Ова е Влада која постигнува економско фијаско, удира директно по џебот на граѓаните. Заборавија на се она што го ветуваа, заборавија на 500 евра просечна плата, па нели доаѓаа тука и ветуваа дека просечна плата ќе била 500 евра. Не само што нема, туку просечната плата почна да се намалува. Ветуваа дека лекарите ќе добијат 1.500 евра ако дојдат на власт, абер нема од тоа, нит зе збори, нит се прави. Покачувањето на даноците ни го претставуваат како врвно економско достигнување, се фалат дека ќе ги зголемат даноците, како да треба да ги намалат, гордо излегуваат и кажуваат како ќе ги зголемат даноците, изјави Груевски.
Груевски им порача на граѓаните да не дозволат да бидат два пати прелажани од СДСМ, особено до оние граѓани кои гласале за нив. Груевски напомена дека од СДСМ не заборавиле да го потпишат штетниот договор со Бугарија, договор кој ја менува историјата на Македонија, по терк на Бугарија. Груевски кажа дека целта на се ова е промена и идентитетот, кое може да се очекува после изборите.
„Важно е сите граѓани на обидот на внесување страв, да одоговорат со пркос, со вмровски пркос да им одговориме и во недела и потоа, порача Груевски.
Кажа дека преку разни механизми сакаат да направат да биде демоде да се сака државата, дека сакаат нормалното да го прават ненормално и обратно.
„Оние коишто си ја сакат државата, како луѓето од 27 април, оние кои што работеле да се направат патишта, автопати. Сите оние кои што нешто работеле, создавале, оние кои што учествувале во создавањето на документарни филмови за македонската историја, кои што учествувале во поставувањето на спомениците. Тие луѓе треба да се плашат дека ќе имаат некои процеси против нив, дека може да бидат уценети затворени. А сите оние кои учествуваа во тоа нормалното да стане ненормално, тие треба да се комотни. Криминалците на слобода, патриотите во затвори, тоа е времето во кое што живееме, изјави Груевски.
Груевски кажа дека во општина Пробиштип во 2006 година се на се имаше 1737 вработени лица, а на крајот од 2016 година се регистрирани 4642 нови вработувања, Груевски кажа дека тоа е ВМРО, дека така работат тие и помагаат.
„Ќе обезбедиме за учениците од прво до петто одделение бесплатен здрав оброк со што нај веќе би заштедиле родителите, општина Пробиштип и Тони Тоневски ќе обезбедат стекнување на граѓаните со сопствен дом и тоа по симболична цена од по едно евро по квадрат, а ќе се укинат и намалат трошоците за комуналии. Ние нудиме концепт во кои нема да има неасфалтирана и неосветлена улица и во секое маало ќе се гради парк. А ќе се реконструира и кејот на злетовска река, а левиот крак од Злетово ќе се приклучи кон колекторскиот систем во Злетово, а ќе се реконструираат и асфалтираат неколку патишта и улици, а ќе се изгради и велосипедска патека“, истакна Груевски.