Груевски до судот: Надминете ги стравовите и донесете исправна одлука

Правдата порано или подоцна ќе излезе на површина, порача Никола Груевски во завршните зборови од случајот„Тенк“.

Поранешниот премиер, кој е обвинет за набавка на блиндираниот „мерцедес“, посочи дека колку и судот да е под притисок, заробен и како таков ставен во функција на целта на власта за редефинирање на државата, кое го прави сегашната марионетска власт, правдата ќе излезе на површина.

Јас и покрај сите објавени новинарски натписи, особено оние на медиуми кои одблиску и секојдневно го следат судството, и покрај срамните изјави на премиерот и мој повеќегодишен политички конкурент, кој пред една недела со политички речник во изјава за медиумите веќе најави дека овој суд ќе ме прогласи за виновен, како да сакаше да покаже дека го контролира и управува судот Вас во судот, што пак само даде поткрепа на претходните медиумски натписи, сепак сеуште верувам дека овој судски совет сепак ќе најде сили да покаже интегритет, цврстина, чесен однос кон својата професија, чиста совест и професионално однесување, изјави Груевски.