Премиерот Никола Груевски, денеска оствари средба со заменик претседателот на Владата на Република Турција, Емрулах Ишлер.
На средбата беа потврдени одличните пријателски односи помеѓу двете држави, како на политички така и на економски план. Соговорниците искажаа задоволство од досегашната соработка која се одвива на повеќе полиња и на повеќе проекти.
Премиерот Груевски посочи дека Македонија е отворена за турските инвеститори кои во државата гледаат атрактивна бизнис дестинација што може да се заклучи и од досегашните конкретни инвестиции на повеќе турски компании, и ги истакна поволностите за инвестирање кои ги нуди државата како основа за јакнење на економските односи помеѓу државите.
Груевски се осврна и на приоритетите на државата во поглед на надворешната политика, поконкретно за нашите евроатлански интеграции и реформите кои се преземаат на тој план, а кои беа верификувани со новата препорака и петтиот позитивен извештај на Европската Комисија.
Турскиот заменик претседател на Влада, г-дин Емрулах Ишлер истакна дека му е исклучително драго што е во посета на пријателска Република Македонија со која Турција споделува пријателски политички и економски односи.
Тој посочи дека турската Влада активно делува на поттикнување на интересот за инвестиции и за остварување на интензивна економска и трговска соработка меѓу двете држави.
Тој истакна дека Турција останува искрен и активен поддржувач на европските и евроатланските интегративни процеси на Република Македонија.
Соговорниците ги реафирмираа и заедничките заложби за остварување на продлабочена соработка во областите од заеднички интерес.