Политичката криза се одрази на инвестициите и на отворањето нови работни места и сè уште се одразува. Успесите ќе беа поголеми ако ја немаше кризата.Иако имаме солидни резултати во едни вакви услови, знам дека ќе имавме уште подобри ако не беше кризата. Лани дури и во услови на политичка криза имавме 30 странски инвестиции. Но некои компании се откажаа или го пролонгираа доаѓањето, пролонгираа посети за преговори во екот на кризата, некои ја пролонгираа одлуката за инвестирање, а некои отидоа во други држави, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервјуто за Телеграф.мк.
На прашањето колку политичката криза се одрази на инвестициите и на отворањето нови работни места, Груевски вели:
Дел од нив ни кажаа дека во вакви услови се чувствуваат несигурно да инвестираат, а и не се сигурни дали банките ќе ги поддржат кога има политичка криза и неизвесност. Дел од нив отворено велат дека се плашат дека ако опозицијата дојде на власт ќе се сменат атмосферата и условите за правење бизнис и ќе пораснат даноците.
Некои од нив ги анализирале економските политики на СДСМ кога тие беа на власт и се плашат од враќање на старото време. Едноставно, дел од компаниите се исплашија и решија или да одложат со одлуката или да одат во друга земја. Но, меѓу останатото, тоа за жал е и целта на опозицијата со создавањето на политичката криза. Неслучајно во секоја наша изјава го слушате зборот деструктивна опозиција.
Наместо да ги детектираат нашите слабости или да осмислат подобар концепт, кој би дал уште подобри резултати, тие целата своја енергија ја насочуваат кон намалување на нашите успеси, успесите од кои корист имаат Македонија и сите граѓани во неа. Тоа значи деструкција. Не можам да станам поуспешен од тебе, ама ќе те направам тебе помалку успешен, па така некако да добијам шанса да те победам на избори. Тоа го прави раководството на СДСМ денес и низ годините. А тоа народот го препознава и го казнува на изборите. Но Заев тоа сè уште не го разбира. Или еве земете го примерот со обврзницата.
Најголем дел од земјите проектираат одреден дефицит во буџетот заради забрзан развој на економијата и дел за враќање на стари долгови. Значи, речиси секоја земја работи на истиот начин. Тој дефицит го покриваат од два извора, надворешен, најчесто преку издавање обврзница и внатрешен со домашни обврзници кон банките, кои на тој начин го решаваат вишокот средства во моментот. И тоа се планира на годишно ниво.
Што направи СДСМ? Ја искористи можноста со заменик-министерот за финансии кој имаше право на вето, со цел на веќе усвоениот буџет да му обезбедат обврзница само за половина година, за веќе во месеците пред избори да почнува да снемува ликвидност и да доцнат плаќањата, и кон фирмите и кон граѓаните, пензионерите, социјалните случаи, земјоделците, платите на полицијата, војската, лекарите, наставниците, администрацијата.
И зошто сето ова? За тие, граѓаните и компаниите да се лути, и да не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а тука СДСМ смета дека тие се алтернативата. А за иронијата да биде поголема, токму најголем дел од таа обврзница беше за враќање на стар долг на државата, кој исто така со издавање обврзница, со поскапа камата, го направил СДСМ пред десет години.