Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во понеделникот заедно со кандидатот за градоначалник од партијата, Илчо Захариев е во посета на неколку населени места во Штип, меѓу кои и населбата Баби, при што на граѓаните им го честиташе денешниот празник.
„Видовме низ овој период дека СДСМ немаат ниту проекти, ниту некоја сериозна програма и токму затоа ни зборуваат за воздух, за ветер, за магла. Она што беше карактеристично во првиот круг е дека направија едни класични африкански избори, со втерување страв, со заплашување на луѓето, индивидуално човек на човек, праќајќи им на многу луѓе заплашувања, уцени, застрашувања и еден масовен поткуп на многу места, истурија многу црни пари, кои веројатно некој ги дал“, рече Груевски.
Кажа дека некој што е многу помоќен може да обезбеди 20 милиони евра за кампања, некој што чека од нив да им заврши нешто. Тој кажа дека на овие избори имаше кандидат за градоначалник со скршен череп, искршени штабови и уште многу нерегуларности, а дека полицијата молчи и ги заштитува сторители. Груевски порача дека еден ден ќе има одговорност за ова што сега се прави.
„Крајната цел е да се сузбие секој слободомислечки Македонец во оваа држава, кој се грижи за својата држава, за својата земја, за својата татковина. Секој којшто го сака својот идентитет, своето име, кој ја сака едноставно својата држава и не му е сеедно што се случува во неа и со сите сили се обидуваат сакањето на државата да го направат демоде, да го направат нешто што не е модерно, нешто што не е во тренд. Нешто што е модерно да направат од типот конзумација на дрога, легализации на марихуана, на хомосексуални бракови, посвојување деца од хомосексуални бракови, на масовно користење на алкохол итн. Ненормалното сакаат да го направат нормално, нормалното да го направат ненормално“, рече Груевски.
Додаде дека тоа нема да им успее, бидејќи народот знае што е нормално. Порача дека еден ќе им дојде крајот и со страв ќе го гледаат народот во очи, како што сега владеат со него.
„Криминалците на слобода, а патриотите по затвори. Красниќи на слободна, а Едмонд Темелко, човек кој што е борец за човекови права на Македонците во Албанија, единствен градоначалник надвор од границите на Македонија, тој е во затвор. Убијците на децата во Смилковското езеро ќе ги пуштаат на слобода, а дедото за кубење коса, четири години затвор“, посочи Груевски.
Кажа дека немилите настани кои се случија на 27-м април биле немили сцени кои не требало да ги има, но дека биле намерно испровоцирани. Рече и дека се е очигледно колку криминалци се ослободуваат од затвор, а истовремено како се апсат овие луѓе и најави дека целосно ќе се застане зад нив.
„Сиромаштијата расте, државата ни е на колена, но не заборавија да го склучат штетниот договор со Бугарија. Се залетаа уште првата недела во Бугарија и се залетале уште тогаш да го потпишат договорот, но ги стопирале нивните пиар советници, им рекле немојте, ептен ќе биде препознатливо дека нема никакви преговори, бидејќи немаше време, па ајде рекле за два месеца ќе го потпишеме, да одглумиме дека имало некакви преговори. А што одглумија? Прифатија сѐ, прифатија откажување од македонското малцинство во Бугарија, прифатија откажување од македонскиот јазик, прифатија македонската историја до 1945 година да се смета за бугарска, прифатија промена на учебниците по историја, во кои ќе пишува дека Илинденското востание не било македонско, туку било бугарско, во коишто ќе пишува дека првата пушка на 11-ти октомври против фашистите, крената од македонскиот народ, не била прва пушка против фашистите, туку била, туку била дел од идеолошкиот конфликт меѓу левицата и десницата во Македонија, меѓу различните идеолошки страни помеѓу бугарското население во Македонија“, рече Груевски.
Додаде дека тоа е дел од големата слика за редефинирање на државата, меѓу кои е и промената на името. Груевски притоа запраша каде го има тоа соседите да ја пишуваат историјата. Порача дека СДСМ владеат со страв за да не се види големата слика, но дека нема хунта која победила народ, дека нема да бидат исплашени, дека заеднички ќе ги срушат.
„Сега пет месеци се на власт имаат и пратеник, тој сега се кандидира и за градоначалник, што направија за Штип? Па кратко било времето од пет месеци, а не беше кратко за Илчо Захариев триста работи да направи во овој период. Кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година, невработеноста беше околу 12.000 луѓе, сега е падната на активни околу 2.500 баратели на работа. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, така се работи за народот, така се работи за луѓето“, рече Груевски.
Кажа дека со програмата на Захариев ќе се обезбеди здрав и бесплатен оброк, дека ќе бидат обезбедени можности за стекнување на сопствен дом.
„Нудиме концепт во кој нема да има неасфалтирана и неосветлена улица и во секое маало ќе има парк. За Штип, наша цел е подобрување на патната инфраструктура и затоа ќе продолжиме со изградба и реконструкција на локални патишта“, навести Груевски.
Реле дека приградските населби ќе се поврзат со градската водоводна мрежа, дека ќе има уредување на коритото на реката Брегалница со урбани содржини, санација на средното училиште Коле Нехтенин, санација и доградба на основни училишта. Тој вети и секундарна гасификација на Штип, т.е. разгранување на гасот, кој сега е донесен до Штип. Тој најави дека ќе се направи се во Штип да се донесат нови инвеститори, кои ќе отворат нови работни места, како за Штип, така и за другите општини во околината.