Заев во Брисел дојде со цел договор да не биде постигнат. Ова е оценката на премиерот Никола Груевски по вчерашните маратонски разговори во Брисел.
-Човекот дојде да не се договори. Дојде со такви изградени позиции кои главно му ги градат други луѓе кои се блиски до СДСМ. Дали се тоа претставници на невладини организации, дали се одредени универзитетски професори или некои уредници на весници. Тие му ги градат ставовите, тој доаѓа со тоа и прави се за да не се договори. Затоа што договорот ќе значи чист пат за предвремени избори на кои тој треба да се соочи со народот. Не само со Никола Груевски, треба со два милиони гласачи на Македонија да се соочи. Не, тој сака обратно. Да не се случат така брзо изборите, да пропаѓаат вака преговорите за да се одложат и изборите кои минатиот пат се договорија и истовремено економијата да трпи. Доаѓањето на нови инвеститори да се забави или да прекине, да не се отвораат нови работни места, да почне да тоне економијата…И тој тука верува дека ќе го најде својот спас политички, рече Груевски.
Груевски рече дека ако Заев сега отиде на избори ќе го доживее најголемиот пораз во историјата на СДСМ.