Експремиерот Никола Груевски се огласи по информациите дека се договарал за измените на Кривичниот законик, со кои би се олесниле неговите затворски казни, во замена за поддршка или лобирање пратеници на опозицијата да гласаат за уставните измени.
Во статус на социјалните мрежи Груевски ги демантира ваквите тврдења, коментирајќи дека во неговиот случај, измените имаат минорно влијание.
„Вакви измени во Законот се говорат во јавноста одамна, околу четири-пет години, и од она што можам да забележам од медиумите, има многу заинтересирани страни од различни политички провиниенции за истите да се изгласаат.
Во мојот случај на прогон истите имаат минорно учество. Јас и повеќе мои соработници сме под прогон за несторени работи, на тој прогон заднината е страв од конкуренција и желба за политичка елиминација и тоа се нарекува политички прогон. Тој прогон трае и до ден-денес и сè уште трае и расте стравот на многумина од неговото запирање или неуспех. И имаат причина за страв!“ – напиша Груевски.