Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски во посета на општините Кочани, Виница и Берово.
Како што информираат од Владата на Република Македонија, премиерот во рамки на посетата ќе посети повеќе училишта, a ќе присуствува и на отворањето и поставувањето камен-темелник на повеќе проекти.
Во општина Кочани, Груевски ќе го посети реконструираното средно општинско училиште „Љупчо Сантов“.
Во општина Виница планирана е посета на компанијата „Макпрогрес-Винчини“, присуство на пуштање во употреба на двојно тениско игралиште, како и присуство на пуштање во употреба на пешачка патека околу Беровско Езеро;
Во општина Берово, Груевски ќе присуствува на поставување камен темелник за изградба на фекална канализација за продолжување на главниот колектор во туристичката населба „Беровско Езеро“, а се планира и посета на реконструираното основно училиште ,,Никола Петров – Русински“, населено место Русиново, општина Берово.
Груевски во посета на Петровец и Илинден
Во текот на викендот, премиерот Никола Груевски беше во посета на општините Петровец и Илинден.
Премиерот во саботата ја посети индустриската зона Ќојлија во општина Петровец каде изврши увид во градежните работи за изградба на канализационен систем, но и ја посети фабриката Квенбергер која е во изградба.
Општината инвестира за изградба на водоводна мрежа, улиците се веќе тампонирани, ЕВН во фази пушта струја, така што работите во зоната се одвиваат добро. Во завршна фаза е новата фабрика на македонско-австриската фирма „Квенбергер“. Паралелно со неа италијанската инвестиција односно новата болница на Еуроиталија до Нова година се очекува делумно да почне со работа. Тоа ќе овозможи нови вработувања, а болницата се очекува да донесе врвна опрема и дополнителен квалитет во здравственото лекување во Македонија и во наредните години да отвори нови околу 250 работни места, истакна Груевски.
Изградбата на индустриската зона во Петровец беше и ветување на изборите кое сега се остварува.
Во индустриската зона Ќојлија во завршна фаза е и новата фабрика на македонско-австриската фирма „Квенбергер“. Се работи за еден нов логистички центар наменет пред се за компаниите од автомобилската и малопродажна индустрија. Капацитетот се простира на површина од 24.000 метри квадратни. Самата логистичка хала ќе биде со капацитет од 8.000 метри квадратни и административен дел од 1.200 метри квадратни.
Изградба на нова амбуланта во Миладиновци
Премиерот Никола Груевски во рамки на посетата на општина Илинден направи увид на градежните активности за изградба на нов објект за амбуланта во населеното место Миладиновци и реконструкција на основното училиште „Браќа Миладиновци“.
Тој потсети дека изминатиов месец е почната изградбата на новата амбуланта во Миладиновци која ќе обезбеди две нови ординации за општа медицина, стоматолошка ординација, просторија за вакцинација, просторија за интервенција, лабораторија и аптека.
Паралелно, рече Груевски, обезбедивме и државно земјиште во централниот дел на општината на кое, како што најави, во наредниот период ќе се гради дом за стари лица во Илинден, а во непосредна близина оваа година планирано е да почне да се гради и здравствен дом поликлиника во населбата Илинден.
Проект од големо значење, оцени премиерот Груевски, е и изградбата на модуларното училиште кое по долги години, посочи, го реши проблемот со просторните услови за основното училиште, но и овозможи воведување средно образование во општината Илинден.
Имаме издвоено четири милиони денари со кои во моментов се реконструира покривот на ОУ „Браќа Миладиновци“. Исто така, еден од најновите проекти во Илинден е и проширувањето на капацитетот на детската градинка „Гоце Делчев“. Ова е уште еден од проектите кој го реализираме заедно со Општина Илинден и со кој ќе се изгради нов дел на градинката со површина од 650 метри квадратни и со тоа ќе се зголеми капацитетот за нови 120 деца, појасни Груевски.
Од сите области на кои секојдневно работиме, додаде, едно од најважните е отворањето нови работни места и привлекување нови инвеститори.
На ова поле исклучиво ми е драго што можам да констатирам дека во изминатиот период општина Илинден прерасна во една од водечките општини по бројот на домашни и странски инвеститори во Македонија. Ваквата состојба, пред се, се должи на промоцијата на Владата на РМ за привлекување нови инвеститори, но и на условите кои ги нуди самата општина, истакна Груевски.
Во последните 10 години во локалните економски зони во Илинден, укажа премиерот, успешно се остварени над 160 инвестиции, од кои 30 странски. Оваа есен, рече тој, очекуваме да се пушти во употреба новата фабрика за производство на кондиторски производи, а во наредниот период и повеќе други објекти и фабрики кои се градат.