Група поранешни герилци на ФАРК повторно го земаат оружјето в рака

Група поранешни мировни преговорачи од Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) денеска изјавија дека повторно земаат оружје в рака, поради, како што оценуваат, неуспешниот мировен договор со кој им се гарантираа нивните политички права.
Иван Маркес беше главниот преговарач за договорот од 2016 година, со кој требаше да се заврши полувековната борба на герилците во земјата.
Во видео снимка што денеска беше објавена Маркес се појави пред група од околу 20 тешко вооружени герилци и го осуди, како што оцени, неуспехот на колумбискиот претседател Иван Дуке да го поддржи договорот.
-На светот му соопштуваме дека ќе почне втората Маркеталија ( историската колевка на бунтот од 1960-тите години) во име на универзалното право на народот да се крене на оружје наспроти пресијата, рече Маркес во видео пораката, облечен во зелена маскирна униформа, пренесуваат западните медиуми.

Покрај него стоеше и Хесус Сантрич, вториот поранешен лидер на распупштената ФАРК и близок соработник на Маркес.

Околу 7.000 бунтовници беа разоружани во рамки на договорот со владата. Меѓутоа, неколкумина од нив беа нападнати откако беа демобилизирани, а во меѓувреме САД дури и побараа екстрадиција на Хесус Сантрич, заради обвиненија за трговија со дрога.