Групација на авто такси превоз бара од Град Скопје да најде решение за „дивите“ таксисти

Групацијата на скопските авто такси превозници соопшти дека денеска упатиле барање до Град Скопје за решавање на проблемите со такси превозот, преку кои, според нив, граѓаните ќе добијат делумно почист воздух и делумно намалување на сообраќајниот метеж во градот, како и околу 1.200 до 1.500 нови вработувања.
Тие бараат решение за проблемите со жолтите таблички поради коишто возачите не можат да ги обноват возилата, решавање на проблемот со возачите без лиценци, без фискални таксиметри, со диво наштелувани фискални сметки и таксиметри, не пријавените такси возачи, задолжителните обележја и не совпаѓањето на лиценците со возилата.
– Сето ова преставува нелојална конкуренција, сива економија, ја доведува во прашање безбедноста на патниците и другите учесници во сообраќајот, го зголемува метежот во сообраќајот, го зголемува загадувањето во градот и создаваат лоша претстава за такси дејноста во Градот Скопје, се наведува во соопштението.
Како организатор на авто такси дејноста, од Градот Скопје бараат да го среди хаосот во авто такси превозот, да се заложи за поголема безбедност на граѓаните кои користат авто такси превоз и да ја доведе такси дејноста, како што се вели во соопштението, на едно пристојно ниво преку постоечките закони, одлуки и соодветни прописи кои само треба да се спроведуваат.