Министерството за здравство ја заврши групната набавка на инфузиони раствори за потребите на Јавните здравствени установи со што ќе се постигнат пониски цени на истите и установите ќе остварат заштеда, истакна денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.
– Постапката е успешно завршена и постигнати се посакуваните резултати. Постигнавме пониски цени на инфузионите раствори за најголемиот дел од здравствените установи, со што се унифицираа цените на инфузионите раствори во ЈЗУ. Со постигнатите пониски цени е овозможена заштеда од 274 илјади евра на годишно ниво. Вкупната заштеда во период од две години, колку што трае тендерот изнесува приближно 548 илјади евра, истакна Тодоров.
На ниво на одделни ставки од набавката на инфузиони раствори за набавка на содиум хлорид (500 мл) заштедата за една година изнесува 9.100.000 денари, содиум хлорид (100 мл) заштедата изнесува 985.000 денари и за набавка на глукоза заштедата за период од една година изнесува 3.820.000 денари. Исто така ќе се забележат посериозни заштеди кај некои здравствени установи.
Министерот Тодоров потенцираше дека рамковната спогодба ќе се однесува на сите ЈЗУ кои учествувале во групната набавка и ќе се однесува во деловите во кои е постигната пониска цена од добиената цена во постапките во рамки на самите здравствени установи.
Тој истакна дека заштедата од 548 илјади евра е сериозна заштеда која ќе биде применета за други потреби во здравствениот систем.