Грузија ги прекинува пристапните преговори со ЕУ до 2028-та

Грузиската владејачка партија во четвртокот објави дека земјата ќе ги прекине преговорите со Европската унија до 2028 година и ќе го отфрли европското финансирање, што практично ќе ја запре нејзината кандидатура за членство.

Во соопштението, владејачката партија Грузиски сон ја обвини ЕУ за „канонада од навреди“, за користење на пристапните преговори за „уцена“ и „организирање револуција во земјата“.

„Одлучивме дека нема да го ставиме на дневен ред прашањето за отворање преговори со Европската унија до крајот на 2028 година. Одбиваме и какви и да се буџетски средства од Европската унија до крајот на 2028 година“.

Земјата лоцирана на стратешки важниот јужен Кавказ со население од 3,7 милиони го впиша својот пристап во Европската унија во својот устав и традиционално е најпрозападна од сите поранешни советски републики. Но грузиските односи со Брисел остро се влошија во последните месеци. ЕУ претходно објави дека барањето за членство на Грузија е замрзнато и бараше повторување на неодамнешните избори на кои Грузиски сон повторно убедливо ја победи овојпат обединетитата опозиција .

Анкетите покажуваат дека околу 80 отсто од Грузијците го поддржуваат членството во ЕУ и знамето на Европската унија се вее заедно со државното знаме на Грузија на сите владини згради. Грузискиот сон уверува дека еден ден сака да се приклучи на Европската унија, но во последните години постојано се занимава со дипломатски спорови со Брисел и ги продлабочува, во прв ред економските односи со соседна Русија. Всушност станува збор, за ненаметнување на сите западни санкции против Русија поради нејзината инвазија во Украина.

Претходно во четвртокот, грузискиот премиер Иракли Кобахидзе им рече на новинарите дека членството во ЕУ може да ѝ наштети на економијата на Грузија, бидејќи Тбилиси ќе мора да ги откаже визните договори и трговските договори со други земји.

ЕУ ѝ додели на Грузија кандидатски статус во декември 2023 година, но критикуваше одредени закони што ги турка Грузискиот сон оттогаш, вклучувајќи ги законите за „странски агенти“ и правата на ЛГБТК, како „авторитарни, инспирирани од Русија“ и како „бариера за членството“.

Грузискиот парламент во мај годинава усвои закон со кој невладините организации финансирани од странство се назначуваат како „странски агенти“. Станува збор за закон донесен по урнекот на американскиот Закон за регистрација на странски агенти (FARA) од 1938 година кој уште е на сила и е осмислен да го ограничи влијанието на странските влади и странската пропаганда во САД, кој налага од „агентите“ или оние што ги промовираат интересите на странска сила или „странскиот налогодавец“ да го обелоденат таквиот однос и какви и да се активности или финансирање поврзани со промовирање на споменатите интереси.

Западните земји оценија и дека изборите во октомври, на кои блокот Грузиски сон освои речиси 54 отсто од гласовите, биле „полни со нерегуларности“. Европскиот парламент во четвртокот усвои резолуција со која се бара поништување на изборите и нивно повторно распишување, како и воведување санкции против клучните функционери на Грузискиот сон.

Опозициските партии, финансирани главно од странски извои, тврдат дека изборите наводно биле наместени и зааемаа стратегија да одбијат да ги заземат своите места во парламентот. Меѓутоа, нивните обиди за организирање масовни демонстрации со кои ќе се собори власта на Грузиски сон не беа ефективни и поддржани од граѓаните, како што се очекуваше.

Во март минатата 2023 година тогашниот грузискиот премиер Иракли Гарибашвили го обвини украинскиот претседател Володомир Зеленски дека ја подгрева тензичната политичка ситуација во Грузија, со коментарите за протестите одржавани во Тбилиси тој перииод, што предизвика остар одговор од Киев. Гарбивашвили тогаш предупреди на учеството на протестите во Тбилиси на стотици активисти од Украина чијашто цел според неговата влада е да ги радикализираат протестите и да предизвикаат преврат и порача дека неговата владејачка партија Грузиска сон нема да дозволи отворање „втор фронт“, алудирајќи на украинската војна против Русија. Имено, во текот на протестите, Зеленски им се заблагодари на демонстрантите во Тбилиси кои ги истакнуваа украинските знамиња, велејќи дека на тој начин искажуваат почит кон неговата земја а на Грузијците им посака „демократски успех“ што во Тбилиси беше протолкувано како јасно поттикнување на преврат.

За време на посетата на Казахстан во четвртокот, рускиот претседател Владимир Путин ја пофали „храброста и карактерот“ на грузиските власти при донесувањето на законот за странски агенти, што западните замјки и од нив финансираната грузиска опозиција го споредуваат со руското законодавство.

Тбилиси има непријатно скорешно минато, откако во 2008 година изведе операција за заземање на двата автономни региони Јужна Осетија и Абхазија на границата кон Русија и се обиде воено да воспостави своја контрола, при што загинаа и неколку руски мировници од корпусот распореден во регионот по конфликтот во раните 1990-ти и распадот на тогашниот СССР. Во жестокиот одговор на Москва, во петдневната операција руските единици излегоа пред грузиската престолнина Тбилиси по што се повлекоа на териториите на стратешките кавкаски региони.