Гуаидо убедува дека може да ги заштити руските и кинеските инвестиции во Венецуела

Челникот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо кого САД и нивните западни сојузници го признаваат за привремен претседател откако пред две седмици се самопрогласи на оваа должност, тврди во вторникот дека новата влада предводена од него ќе може да осигури безбедност на инвестициите на Русија и Кина кои го признаваат за легитимен претседател неговиот политички противник Николас Мадуро.

„Сега, во овој момент владата на Мадуро не може никому да гарантира ништо, особено во земја со 2 милиони отсто инфлација“, рекол Гуаидо во одговор на агенцијата ТАСС на прашањето што ќе се случи со договорите што рускиот нафтен гигант „Роснефт“ ги има во Венецуела, доколку тој дојде на власт.

Гуаидо притоа додал дека за Русија и за Кина ќе биде од корист промената на власта во Венецуела.

„Само нова влада може да осигури враќање на сите инвестиции во земјата, што ќе им се даде гаранции дека не само што може да ги вратат инвестициите, туку и да остварат приходи“, порачува Гуаидо.

Претходно седмицава Николас Мадуро во разговор за новинската агенција РИА вети дека Каракас во секој случај ќе им ги врати долговите на Кина и на Русија, којашто во 2006 година ѝ позајми на Венецуела 17 милијарди американски долари.

Во разговор за кинескиот весник South China Morning Post, објавено исто така во вторникот, Гуаидо ја изразува својата подготвеност да започне дијалог со официјален Пекинг што е можно поскоро.

„Кина, со оглед на нејзината конкурентност и пазарот, е главниот светски играч со кој би сакале да ги обновиме нашите односи, врз основа на заемно почитување и соработка“, вели Гуаидо.

Додава дека е подготвен да започне „конструктивни односи“ и дијалог со Кина „што е можно поскоро“. Според Гуаидо, доколку и кога тој ќе ја преземе претседателската должност, негов најголем приоритет ќе биде зголемувањето на инвестициите и работа насочена на економскиот развој.

„По огромното разграбување на нашите ресурси, што се спроведуваше во текот на изминатите 20 години, во Венецуела се појавија многу можности за инвестиции“, додава самопрогласениот привремен претседател.

Гуаидо истакнува дека Венецуела треба да обнови голем број индустрии, вклучително и нафтениот и рударскиот сектор. Венецуела ги има најголемите сертифицирани резерви на нафта во светот, социјалистичката влада на Мадуро настојува и да докаже и дека земјата ги поседува и најголеми резерви на злато во светот, поседува четвртина од светските резерви на природен гас, има големи резерви од дијаманти, огромни резерви од вода за пиење, алуминиум, железо..

„За нас е исклучително важно да тргнеме по патот на одржливото економско планирање, кое ќе помогне да се обнови производството во земјата, со што Венецуела ќе стане важен регионален и меѓународен трговски партнер“, вели Гуаидо во интервјуто за кинескиот дневен весник на англиски јазик.

Притоа Кина, додава Гуаидо, поседува „неверојатен потенцијал како инвеститор кој може да даде значаен продонес за закрепнува на нашата економија“.

Кина во текот на долги години е еден од најважните стратешки партнери на Венецуела во нафтената индустрија, како и нејзин главен кредитор. И покрај финансиската криза и тешката економска состојба која последните години ја зафати Венецуела, Пекинг секогаш изразуваше поддршка за социјалистичките власти во Каракас.

Вкупниот износ на инвестициите во венецуелската економија во рамки на проекти во кои учествува Кина во минатата 2018 година достигнал 62 милијарди американски долари. Во текот на посетата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на Кина во септември минатата година двете земји договорија заедничка реализација на проектот за зголемување на производството и снабдувањето, со инвестиции процените на 5 милијарди долари.