Гутереш го повика Израел да ги „отстрани последните пречки“ за испорака на помош за Газа

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш го повика Израел во неделата од Каиро да ги „отстрани последните пречки“ за влез на хуманитарната помош во Појасот Газа чиешто население со месеци страда од глад, недостиг од вода за пиење и лекови, уште еднаш барајќи од еврејската држава и палестинските милитнати од Хамас „итен прекин на огнот“ за да се запре „кошмарот“ на жителите.

Израелските бомбардирања и борби беснеат на опколената палестинска територија на работ на глад, додека разговорите за примирје не покажуваат знаци на напредок и покрај зголемениот притисок од САД. Во бомбашките напади загинаа 84 луѓе во изминатите 24 часа, според Министерството за здравство на Хамас, особено во градот Газа, на северот, и во Кан Јунис и Рафах, на југот на енклавата.

„Кога ќе ја погледнете Газа, изгледа како четворицата коњаници на апокалипсата да рикаат низ таму, ширејќи војна, глад, освојување и смрт. Целиот свет верува дека е крајно време да се замолчат пушките и да се воспостави итен прекин на огнот“, рече Гутереш на заедничката прес-конференција со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.

Претходно во неделата, Гутереш се состана и со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, заедно со шефот на агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA), Филип Лазарини.

Пет ипол месеци разорната војна го турна Појасот Газа во катастрофална хуманитарна ситуација. Војната избувна на 7 октомври по нападот на Хамас на израелско тло, кој резултираше со смрт на најмалку 1.160 луѓе, од кои над 850 се цивили, според AFP, врз основа на официјалните израелски податоци. Според овие податоци, киднапирани се околу 250 луѓе, а 130 од нив сѐ уште се заложници во Газа, од кои се верува дека 33 загинале.

Како одмазда, Израел вети дека ќе го уништи Хамас, кој е на власт во Газа од 2007 година.

Неговата армија започна офанзива во која загинаа 32.226 лица, од кои третина се деца а другите се жени и главно цивили, според најновиот извештај на Министерството за здравство на исламистичкото движење.

Во Египет во саботата, Гутереш ја осуди „болката“ на жителите на Газа, „заробеници на бескрајниот кошмар“, за време на патувањето до преминот Рафах. Од 9 октомври Израел буквално херметички ја затвори енклавата којашто е под опсада и блокада од израелската војска повеќе од две децении и не ја дозволува или во ретко случаи строго ја контролира помошта што доаѓа главно од Египет преку Рафах. Овие контроли драстично го намалија, според ОН, бројот камиони кои влегуваат на палестинска територија.

„Од едната страна на границата гледаме хуманитарни камиони колку што може окото, од другата хуманитарна катастрофа која секој ден се влошува“, рече Гутереш.

Тој, исто така, ја нагласи „клучната политичка и хуманитарна улога на Египет со аеродромот Ал-Ариш и преминот Рафах, клучните артерии за витална помош за влез во Газа“.

Првата арапска држава што го призна Израел, Египет е традиционалниот посредник меѓу Израелците и Палестинците. Со Катар, придонесе за пауза во непријателствата што овозможија ослободување на заложниците и палестинските затвореници на крајот на ноември.