Гутереш: Невозможно е да се решат светските проблеми без дијалогот меѓу САД и Кина

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави во петокот дека е „невозможно“ да се решат „горливите проблеми“ како што се глобалното затоплување без „ефикасен“ дијалог меѓу Кина и САД.

„За генералниот секретар невозможно е да се решат актуелните проблеми во светот без дијалогот и ефикасната соработка меѓу двете земи“, го цитираше челникот на светската организација неговиот портпарол Стефан Дужарик.

Портпаролот одговараше на новинарски прашања во врска со најавите од Пекинг дека го прекинува дипломатските односи и соработката со Вашингтон во повеќе сфери, меѓу кои и областа на климата.

Поради американската провокација со посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, Кина во петокот објави дека како одмазда го прекинува со САД дијалогот на високите воени команданти, како и разговорите за климата.

Кинеското министерство за надворешни работи, исто така, соопшти дека ја запира соработката со Вашингтон на спречувањето на прекуграничниот криминал и трговијата со дроги, како и на репатријацијата на илегалните мигранти.

Кина вкупно донесе осум различни мерки како одговор на посетат на Пелоси на Тајван, островот кој Пекинг го смета за своја одметната покраина.

Кина во соопштение, набрзо откако Пелоси отпатува од Јапонија на крајот од нејзината азиска турнеја, соопшти дека ја откажала планираната билатерална средба за поморскиот воено-безбедносен механизам.