Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, повика на нуклеарно разоружување на почетокот од тридневната конференција во австриската престолнина Виена на којашто учествуваат делегации од околу 80 земји кои го потпишаа меѓународниот договор за забрана на нуклеарното оружје.
„Да го елиминираме тоа оружје, пред тоа да нѐ елиминира нас“, изјави Гутереш во пораката до учесниците на виенската конференција преку видео-врска.
Моменталниот глобален нуклеарен арсенал кој брои 13.000 боеви нуклеарни глави претставува опасност за можното уништување на планетата, имајќи го предвид сегашниот свет на судири и недоверба, додаде во вторникот челникот на светската организација.
Претседателот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Петер Маурер, пак, го опиша новиот Договор за забрана на нуклеарното оружје (TPNW), како „пресвртница“.
Договорот кој стапи на сила во јануари 2021 година ги обврзува земјите да не се впуштаат во никакви активности поврзани со нуклеарното оружје и повикува да се земат предвид хуманитарните последици.
Австрискиот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг, пак, ја истакна итноста од целосно нуклеарно разоружување. Австрија, инаку, беше една од земјите иницијатори на договорот.
Договорот TPNW досега го потпишаа 86 земји, а го ратификуваа 65 од нив. Целта е со него да биде проширен Договорот за неширење на нуклеарното оружје (NPT), кој стапи на сила 1970 година.
Има девет земји во светот кои декларирано поседуваат нуклеарно оружје. Тие, заедно со цело НАТО, не се учеснички во договорот TPNW. Станува збор за САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја.