Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш изјави дека светската организација соработува со САД и со Европската унија за надминување на препреките што би требало да овозможи и прехранбените производи и ѓубривото да дојдат до светските пазар.
Гутереш рече дека во согласност со договорот постигнат во јули во Истанбул со посредство на Турција и ОН за продолжување на извозот на украинските житарки повеќе од 650.000 метрички тони житарки и друга храна веќе се извезува.
„Другиот дел од овој пакет-договори е непречениот пристап на глобалните пазари на руската храна и на ѓубривата кои не се предмет на санкциите“, изјави Гутереш во Истанбул каде го посети заедничкиот Координативен центар за надзор на бродскиот извоз од црноморските пристаништа.
Рече и дека оние земји коишто ѝ вовеле санкции на Русија поради војната во Украина јасно рекле дека тие мерки не се однесуваат на храната и ѓубривата, но додаде дека сепак се случува одредено влијание врз извозот.
„Соочени сме со одреден број пречки и тешкотии кои треба да се надминат кога станува збор за осигурувањето, испораките и финансиите“, изјави Гутереш на прес-конференцијата одржана заедно со турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.
Генералниот секретар рече дека светската организација соработува со Вашингтон и Брисел да бидат отстранети тие препреки.
„Извозот на поголеми количества на храна и вештачки ѓубрива од Русија и Украина е клучно за смирување на стоковите пазари и за постигнување пониски цени за потрошувачите“, рече Гутереш.
Третина од светскиот извоз на пченица отпаѓа на Русија и Украина, а Русија притоа е и најголем извозник на ѓубривата кои се користат во земјиделието.