Шансите за мир во Украина „во оваа фаза се минимални“, изјави ноќта кон четвртокот генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Имам чувство дека сме многу далеку од мир. Би лажел доколу кажам дека мирот може да се случи наскоро. Немам илузии, во оваа фаза шансите за мировен договор се минимални“, рече Гутереш на конференција за новинарите додавајќи дека дури ни примирјето не е на повидок.
Гутереш додаде дека ги продолжува контактите со двете страни и дека се надева дека еден ден ќе може да се оди кон разговори на повисоко ниво.
Генералниот секретар на ОН разговараше со Путин и за извозот на руски прехранбени производи и ѓубрива.
Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата функционери соопшти дека Путин му кажал на генералниот секретар на ОН дека украинските житарки приоритетно треба да одат во земјите каде што се најпотребни.
Кремљ, исто така, соопшти дека се разговарало и за нуклеарната централа Запорожје и за посетата на тимот на Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН (МААЕ), како и дека Гутереш пренел дека се подготвува посета на експерти на ОН на затворот Оленивка, во источна Украина, каде десетици украински воени затвореници загинаа во бомбардирањето на крајот на јули.