Гутереш повика на максимална воздржаност по нападот на Иран врз Израел

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш потсети во неделата, по нападот на Иран врз Израел, дека актите на одмазда кои вклучуваат употреба на сила се забранети според меѓународното право, додека САД рекоа дека ќе работат на тоа Техеран да одговара пред ОН.

Гутереш, говорејќи на состанокот на Советот за безбедност на ОН, им рече на земјите-членки дека повелбата на ОН забранува употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која и да држава и го осуди нападот на Иран врз Израел и предупреди од натамошна ескалација.

Иран во саботата вечерта лансираше низа беспилотни летала и проектили кон Израел, како одмазда за израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Револуционерната гарда. Тоа беше првиот директен напад на Иран врз Израел од негова територија во историјата.

„Блискиот исток е на работ. Народот во регионот се соочува со реална опасност од разорен конфликт од големи размери. Сега е време за смиреност и деескалација“, рече Гутереш на состанокот свикан по иранскиот напад.

Заменик-амбасадорот на САД во ОН Роберт Вуд го повика 15-членото тело недвосмислено да го осуди нападот на Иран, велејќи дека должност на Советот за безбедност е да не дозволи иранските активности да останат без одговор.

„Во наредните денови, и во договор со другите земји-членки, САД ќе истражат дополнителни мерки за да го повикаат Иран одговорен овде во Обединетите нации. Дозволете ми да бидам јасен – ако Иран или неговите полномошници преземат дејствија против Соединетите држави или дополнителни дејства против Израел, Иран ќе биде одговорен“, рече Вуд без да прецизира какви чекори ќе преземат САД и воопшто неспоменувајќи го израелскиот удар врз иранската амбасада во Сирија.

Техеран вчера соопшти дека нападот е казна за „израелските злосторства“, односно нападот на иранската амбасада во Дамаск, додека Израел ниту ја потврди ниту негираше одговорноста за тој напад, како и дека Техеран го известил Вашингтон 72 часа пред почетокот на дејствијата.

Иранскиот амбасадор: Акцијата на Иран е неопходна и пропорционална

Иранскиот амбасадор во ОН, Амир Саид Иравани, рече дека акцијата на неговата земја е неопходна и пропорционална и рече дека, иако Техеран не бара ескалација или војна во регионот и нема намера да влезе во конфликт со САД, и го потврдува своето право на самоодбрана.

„Ако САД започнат воени операции против Иран, неговите граѓани или неговата безбедност и интереси, Иран ќе го искористи своето право да реагира пропорционално“, порача Иравани.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, на состанокот го обвини Иран за кршење на меѓународното право и пуштил видео на таблет на кое, како што рече, се гледа како Израел пресретнува ирански беспилотни летала над џамијата Ал Акса во Ерусалим, едно од најсветите места на исламот.

„Еве, можете да погледнете“, му се обрати тој на иранскиот амбасадор, кој исто така седеше во салата на Советот за безбедност.

Ердан го повика Советот за безбедност да го осуди Иран, повторно да воведе санкции и да ја прогласи иранската Револуционерна гарда за терористичка организација.

„Единствената опција е да го осудиме Иран и да ги искористиме сите неопходни средства за да го натераме да плати висока цена за неговите ужасни злосторства“, рече Ердан на состанокот што тој го побара во саботата.

Во неделата Гутереш повика и на итен хуманитарен прекин на огнот во Газа по повеќе од шест месеци борби, безусловно ослободување на сите заложници и непречена испорака на хуманитарна помош за Газа, која се соочува со глад.

„Регионалниот – и навистина глобалниот – мирот и безбедноста се поткопуваат од час во час. Ниту регионот, ниту светот не можат да си дозволат повеќе војна“, рече тој.