Гутереш: Русија да ги почитува санкциите на ОН против Северна Кореја

Русија мора да се усогласи со санкциите на ОН против Северна Кореја (КДРК) откако двете земји потпишаа договор кој вклучува взаемна одбранбена обврска, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, цитиран од Ројтерс.

Договорот доаѓа во време на обвинувањата на САД против Пјонгјанг за пренос на оружје во Русија за употреба во војната против Украина. Русија и Северна Кореја ги негираат обвинувањата. Пјонгјанг е под санкции на ОН од 2006 година поради неговата нуклеарна и балистичка ракетна програма.

Советот за безбедност на ОН ќе се состане на 28 јуни за Северна Кореја, изјавија дипломати за Ројтерс, на барање на САД, Франција, Велика Британија, Јужна Кореја и Јапонија, кои сакаат да разговараат за трансферот на оружје на Пјонгјанг што ги прекршува резолуциите на Советот.

„Постојат санкции одобрени од Советот за безбедност во однос на КНДР“, рече тој за новинарите „Секој однос на која било земја со Северна Кореја, вклучително и Руската Федерација, мора целосно да се усогласи со овие санкции“, додаде Гутереш.

Дипломатската мисија на Русија во ОН одби да ја коментира изјавата на Гутереш, соопшти Ројтерс.

Во последните неколку години, Советот за безбедност беше поделен околу тоа како да се справи со Пјонгјанг. Русија и Кина велат дека повеќе санкции нема да помогнат и сакаат тие мерки да се олеснат. Тие предложија некои санкции да бидат укинати во декември 2019 година, но никогаш не ја ставија својата нацрт-резолуција на гласање.

Во мај 2022 година, Пекинг и Москва ставија вето на напорите на САД да воведат повеќе санкции на ОН врз Северна Кореја поради обновените лансирања на балистички ракети. Потоа, во март, Русија стави вето на обновувањето на експертската група за следење на спроведувањето на санкциите на ОН.

Пред да се распушти комисијата кон крајот на април, тројца од експертите отпатуваа во Украина и во извештајот до Советот за безбедност што го виде Ројтерс утврдија дека остатоците од проектилот што падна во украинскиот град Харков на 2 јануари се од севернокорејски балистички проектил од серијата Hwaseong-11.

Кина и Русија велат дека заедничките воени вежби меѓу САД и Јужна Кореја го провоцираат Пјонгјанг, додека Вашингтон ги обвинува Пекинг и Москва дека ја охрабруваат Северна Кореја со тоа што ја штитат од повеќе санкции.