Гувернерот на Калифорнија нареди затворање на баровите во Лос Анџелес

Гувернерот на американската сојузна држава Калифорнија, Гевин Њусом, нареди затворање на баровите во Лос Анџелес и во уште шест други окрузи, каде што е забележан раст на бројот на заразените од новиот коронавирус.

„Поради растот на заболените од Covid-19, Калифорнија наредува затворање на баровите во Фесно, Империјал Керн, Кингс, Лос Анџелес, Сан Хоакин и Туиларе“, напиша на Twitter гувернерот Њусом кој на 12-ти јуни со уредба го дозволи отворањето на локалите.

Њусом кој брзо ги воведе мерките за ограничување на движењето на населението за да го забави ширењето на новиот коронавирус, дозволи отворање на баровите и клубовите во Калифорнија на 12-ти јуни, а конечните одлуки им ги препушти на локалните власти на 58-те окрузи. Лос Анџелес, вториот најголем град во САД, ги отвори баровите на 19-ти јуни. Меѓутоа, бројот на заразените се зголемил за околу 30 отсто минатата седмица.

Гувернерот Њусом минатата седмица забележа дека ситуацијата се менува. „Не сум наивен, луѓето се дружат и тоа го зголемува ширењето на вирусот“, рече.

Калифорнија беше првата сојузна држава којашто кон крајот на март воведе мерки за ограничување на движењето.

Растот на бројот на заболените е особено изразен на југот и на западот од САД, со повеќе заболени меѓу младите. Гивернерите на сојузните држави Тексас и Флорида, исто така, беа принудени да наредат повторно затворање на локалите.

На американскиот североисток, кој беше вториот епицентар на епидемијата во САД, пак, паѓа бројот на заразените.

Со повеќе од 2,5 милиони инфицирани со коронавирусот, САД се најпогодената земја во светот во оваа пандемија.