Гувернерот на Оклахома го потпиша најстрогиот закон за абортусот во САД

(AP Photo/Sue Ogrocki, File)

Гувернерот на американската сојузна држава Оклахома, Кевин Стит, го потпиша во средата најстрогиот закон за забрана на абортусот од зачнувањето, кој на граѓаните им овозможува да ги тужат оние коишто на жените им помагаат да ја прекинат бременоста.

„Им ветив на жителите на Оклахома дека како гувернер ќе го потпишам секој дел од законот кој се зазема за живот кој ќе ми се најде на масата, па горд сум бидејќи денеска можам да ги исполнам тоа ветување“, изјави Стит.

Законот кој го поддржаа републиканците, со потписот на Стит стапува на сила веднаш, а во него исклучоци се дозволуваат само кога станува збор за медицински причини, силување и инцест. Со законот не се забранува употребата на контрацепција, ниту итната контрацепција.

Центарот за репродуктивни права (CRR), глобална активистичка група со седиште во Њујорк, соопшти дека ќе го оспори законот пред судот на сојузната држава.

Оклахома е една од републиканските сојузни држави во САД кои брзаат да донесат закони за забрана и ограничување на прекинот на бременоста годинава, очекувајќи дека Врховниот суд наскоро ќе ја поништи пресудата „Роу против Вејд“ од 1973 година со којашто е утврдено уставното право на абортусот во целата земја.

Нацртот кој протече во медиумите на 2-ри мај покажа дека конзервативното мнозинство во судот има намера да ги ревидира сојузните права на абортуси и да го врати прашањето за легализирање на прекинот на бременоста на сојузните држави.

Четири клиники за абортус во Оклахома веќе престанаа да изведуваат зафати за прекин на бременоста во исчекувањето на забраната. Оклахома во мај веќе донесе закон со кој се забранува абортус по шест седмици од бременоста. Како и последната мерка, и таа се потпира на спроведување граѓански тужби.

Одредбата за спроведување на двата закона настана по примерот на законот во Тексас кој стапи на сила ланскиот септември и ги оневозможи клиниките во извршувањето на речиси сите абортуси во оваа држава. Оклахома набрзо стана дестинација за жените од Тексас кои сакаат да абортираат по шестата седмица од бременоста.

Ограничувањата во Оклахома сега се проширија на деловите од САД во коишто легалниот пристап до абортусот е мал или воопшто го нема, поради жените патуваат во сојузните држави како Канзас, Ново Мексико и Колорадо за да ја прекинат бременоста.