Хајредини: Школски пример на корупција е продажбата на државното земјиште кај ШИК „Јелак“ во Тетово

За поранешниот функционер и аналитичар Џевдет Хајредини, продажбата на државното земјиште во Тетово кај поранешен ШИК „Јелак“ е школски пример на корупција.

-Школски пример на корупција од највисоко до најниско ниво е продажбата на државното земјиште кај поранешниот ШИК “ЈЕЛАК” во Тетово. Не држи објаснувањето на Премиерот Заев, кога вели “нека се гради во Тетово, нека се шири во периферија, доста е во центарот на градот”. Во центарот на градот, г.Заев, Теута и тој пред неа, со помош на Сугарески, исто како и на Попова Шапка, направиле урбицид, пишува на Фејсбук аналитичарот Хајредини.

За потсетување, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Велјановски истакна дека владата за три недели донела одлуки за продажба на ШИК „Јелак“, комбинатот за кој Дака во „бомбите“ пред изборите вели дека дал мито од 300.000 евра.

ВМРО-ДПМНЕ за продажбата на земјиштето бара итна истрага од ОЈО. Велјаноски побара ЈО да ги гони премиерот Зоран Заев и поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски за злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик.